Папата предупреди на „неприфатливото страдање“ во Судан, повика на мир и отворање хуманитарни коридори

Папата предупреди на „неприфатливото страдање“ во Судан, повика на мир и отворање хуманитарни коридори

По молитвата Ангел Господов на 2 ноември 2025 година, папата Лав XIV повика на мир за земјата обележана со напади и масовни убиства во проблематичниот регион Северен Дарфур. Папата повикува на интервенција од меѓународната заедница за поддршка на напорите за помош. Потоа се помоли за Танзанија, каде што се одржаа големи протести по претседателските избори: Избегнувајте ги сите форми на насилство и тргнете по патот на дијалогот. Тој ја спомена и попладневната света литургија на гробиштата Верано во Рим: Ќе се молам за починатите за кои никој не се сеќава

Болката во зборовите на папата Лав XIV, изговорени од прозорецот на Апостолската палата по молитвата Ангел Господов, беше очигледна кога се осврна на ужасната трагедија што се одвива во Судан. Земјата веќе е фрлена на колена од конфликти и разни форми на насилство, со околу 13 милиони раселени луѓе, а уште 30 милиони мажи и жени, стари лица и деца на кои им е потребна итна хуманитарна помош. Ситуацијата сега драматично се влоши по падот на главниот град на Северен Дарфур, Ел Фашер, каде што се случуваат масовни убиства, етнички мотивирани напади и бруталност од разни видови.

„Со длабока тага ја следам трагичната вест“, рече Папата, нагласувајќи:

Неселктивното насилство врз жените и децата, нападите врз беспомошни цивили и сериозните пречки за хуманитарно делување предизвикуваат неприфатливо страдање кај населението кое е веќе исцрпено конфликтите“.

Меѓународна поддршка за хуманитарните работници

На денот кога Црквата ги одбележува сите верни починати, Папата се сети на сите починати Суданци, молејќи го Бога да ги прими нивните души. Во исто време, тој повика на поддршка за сите што страдаат и се помоли Господ да ги допре срцата на одговорните. Тој, исто така, упати силен апел до страните во конфликтот за прекин на огнот и итно отворање хуманитарни коридори.

На крај, ја повикувам меѓународната заедница решително и великодушно да интервенира за да им помогне и да ги поддржи оние кои несебично работат на доставување помош.

Избегнување на насилство во Танзанија

Сè уште размислувајќи за Африка, Папата не пропушти да поттикне на молитва за Танзанија, земја на конфликт и насилство што избувна по реизборот на 29 октомври на претседателот во заминување, 65-годишната Самија Сулуха Хасан. Во изборна клима обележана со серија киднапирања, победата беше оспорена бидејќи најистакнатите кандидати на опозицијата беа исклучени од претседателската трка. Низ целата земја избувнаа улични протести, а владата го блокираше интернетот, воведе полициски час и ја распореди војската на улиците. Според извештаите од главната опозициска партија во земјата, наводно се убиени околу 700 луѓе, додека владата негира каква било „прекумерна употреба на сила“.

Папата охрабри на молитва за земјата и нејзиниот народ и да се избере поинаков пат за да се најдат други решенија.

Ги охрабрувам сите да избегнуваат каква било форма на насилство и да го следат патот на дијалогот.

Света Литургија за сите починати на римските гробишта Верано

Покрај молитвата, Папата ги охрабри и верниците да се придружат на светата Литургија што ќе ја служи денес попладне на гробиштата Верано во Рим во спомен на сите починати. Ќе појдам духовно на гробовите на моите сакани; а ќе се молам и за починатите на кој никој не се сеќава – рече Папата и додаде: Но, нашиот небесен Отец го познава и го сака секој од нас и никого не заборава!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот