Папата Лав XIV говореше за нападот на Хамас врз Израел пред две години и за настаните што следеа потоа, нагласувајќи дека неговото претстојно апостолско патување во Турција и Либан има за цел да донесе порака на мир за Блискиот Исток.
„Ова беа две многу болни години. Пред две години, 1.200 лица беа убиени во терористички напад. Треба да размислиме колкава омраза постои во светот и да почнеме да се прашуваме што можеме да направиме. Во овие две години, околу 67.000 Палестинци се убиени. Потребно е да се намали омразата, да се обнови способноста за дијалог и за барање мирни решенија.“
Со овие зборови папата Лав XIV се обрати на втората годишнина од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, што го означи почетокот на конфликтот кој ја разурна Газа и предизвика илјадници палестински цивилни жртви.
Овие забелешки беа упатени до новинарите кои го чекаа Светиот Отец пред влезот во Вила Барберини во Кастел Гандолфо, каде што го помина поголемиот дел од вторникот.
Став против тероризмот и антисемитизмот
Папата Лав ја осуди појавата на тероризмот и неодамнешните случаи на антисемитизам, потврдувајќи ја евангелската порака на мирот.
„Сигурно е,“ рече тој, „дека не може да се прифатат групи што се занимаваат со тероризам; овој начин на омраза во светот секогаш мора да се отфрли. Во исто време, постоењето на антисемитизмот, без оглед дали се зголемува или не, е причина за загриженост. Секогаш треба да се сведочи за мир и за почитување на достоинството на секое човечко суштество. Тоа е пораката на Црквата.“
Силата на постојаната молитва
На крајот, Светиот Отец ги повика сите верници да продолжат со молитва за завршување на крвавиот конфликт во Светата Земја и ја потврди определбата на Црквата да го промовира дијалогот и помирувањето.
„Црквата,“ рече тој, „ги повикува сите да се молат за мир, особено во текот на овој месец октомври. Исто така, ќе се трудиме, на начин што ѝ е достапен на Црквата, да го промовираме дијалогот во секое време.“
Одговарајќи на прашањето за реакцијата на израелската амбасада по повод интервјуто што кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол, го даде за ватиканските медиуми, папата Лав XIV рече дека „кардиналот многу јасно го изразил ставот на Светиот Престол за ова прашање“.
Патувањето во Турција – момент на единство
Денес Светиот Престол официјално го објави првото апостолско патување на папата Лав XIV во Турција и Либан, кое ќе се одржи од 27 ноември до 2 декември. Новинарите го замолија Папата да ги појасни причините за патувањето во толку чувствителен и политички напнат регион.
„Патувањето во Турција,“ рече тој, „е поттикнато од одбележувањето на 1700-годишнината од Првиот собор во Никеја. Верувам дека тоа е навистина значаен момент. Тоа е патување што папата Фрањо сакаше да го оствари. За сите христијани, тоа ќе биде момент на вистинско единство во верата. Оваа историска можност мора да се искористи. Станува збор за поглед насочен кон иднината.“
Донесување на евангелска утеха во Либан
Посетата на Либан, рече папата Лав XIV, пред сè има за цел да донесе утеха на народот кој, по експлозијата во пристаништето во Бејрут на 4 август 2020 година, доживеа низа трагедии.
„Во Либан,“ објасни Светиот Отец, „ќе имам можност повторно да ја објавам пораката на мир за Блискиот Исток, во земја што премногу страдаше. Папата Фрањо сакаше да ја посети и таа земја. Тој сакаше да го прегрне народот на Либан по експлозијата и по сè што претрпе. Ќе се обидеме да ја донесеме оваа порака на мир и надеж.“
Ватикан њуз/к.мк