Во видео порака, папата Фрањо се приклучува на сеќавањето на маченичката смрт, пред шест години, на 21 христијани брутално убиени од самопрогласената Исламска држава. „Тие се наши светци“, истакна Папата, „светци на сите христијани“.
Редица од 21 христијани, 20 египетски православни Копти и еден од Гана облечени во портокалови комбинезони клекнаа на еден од бреговите на Сирт, Либија. Им беше кажано ако се одречат од верата, ќе бидат спасени. Тие не прифатија. Заклани се од терористите во црни униформи на самопрогласената Исламска држава. Тој февруарски ден во 2015 година остави силен белег во срцето на папата Фрањо, кој преку видео порака сакаше да се потсети на сведоштвото за верата на овие „христијани крстени со вода и Дух, а на тој ден и крстени со крв“. Уште во 2015 година, коптскиот православен патријарх Тавадрос ги смести нивните имиња во „Синасарио“,книгата на мачениците, почитувајќи ги како светци. „Тие се наши светци“ – рече Папата – „светци на сите христијански деноминации и традиции“. Тие се оние кои ги обелија своите животи во крвта на Јагнето. Тие се дел од традицијата на Божјиот народ“.
Од обичната вера се раѓа најголемиот дар
Централно место во видео пораката е нивната вера и сведочењето за Исус кое што го поднесоа. Беа обични луѓе – рече Папата – кои заминаа во странство да работат за да ги издржуваат своите семејства, да донесат дома леб со достоинствена работа. Татковци на семејства со желба да имаат деца.
Овие мажи дадоа сведоштво за Исус Христос. Заклани од суровоста на Исламската држава умреа велејќи: „Господи Исусе!“, исповедувајќи го името на Исус. Точно дека е трагедија овие луѓе да ги загубат своите животи на брегот; но исто така е точно дека брегот беше благословен со нивната крв, но уште повеќе е точно дека од нивната едноставност, од нивната едноставна, но постојана вера, тие го добија најголемиот дар што може да го добие христијанинот: сведочењето на Исус Христос, за дарот на животот.
Благодарност до мајките на Божјиот народ
„Му благодарам на нашиот Бог Отец што ни ги даде овие храбри браќа“ – продолжи папата Фрањо. „Му благодарам на Светиот Дух што им даде сила и доследност да го исповедаат Исус Христос со пролевање на сопствената крв, но исто така и на епископите, свештениците на сестринската Коптска црква, кои ги воспитуваа и ги научија да растат во верата.” Папата исто така им се заблагодари на мајките на овие убиени мажи, „кои ги доеле со вера: тие се – нагласува Светиот Отец – мајки на светиот Божји народ, кои ја пренесуваат верата“ на дијалект, дијалект што ги надминува јазиците, дијалект на припадност.
Исус Христос е Господ
На ова сеќавање учествуваа православниот патријарх Тавадрос и приматот на црквата во Англија, архиепископот од Кантербери Џастин Велби. „Се придружувам на сите вас, браќа епископи, кои што учествувате во ова сеќавање. На тебе, големиот и возљубен Тавадрос, брат и пријател епископ. На тебе, Џастин Велби, кој исто така сакаше да дојдеш на оваа средба“ – рече Папата. Но, пред сè, Папата се придружува на верниот и свет народ Божји, кој како што истакна, „со својата едноставност, со својата постојаност и непостојаност, со својата благодат и гревови, продолжува да го исповеда Исус Христос: Исус Христос е Господ“.
„Ви благодарам на вас, 21 Светец, христијански светци за сите деноминации, за вашето сведоштво. И ти благодарам Тебе, Господи Исусе Христе, што си толку многу близу до својот народ и што не го забораваш.“
На крајот, Папата повикува да се молиме денес, заедно, во ова сеќавање на овие 21 коптски маченици, и да се „застапуваат за сите нас пред Отецот“. Во февруари 2015 година, папата Фрањо служеше утринска света Литургија за нив во Домот „Света Марта“ во Ватикан. Господ нека ги прими како маченици – рече тогаш за време на светата Литургија.
Ватикан њуз/к.мк