Привремениот договор е плод на долг и промислен процес на дијалог со намера да се поттикне што подобра соработка помеѓу Светиот Престол и кинеските власти
Во сабота 22 септември, во Пекинг е потпишан Привремен договор помеѓу Светиот Престол и Народна Република Кина за именување на епископи во Кина – рече папата Фрањо по завршувањето на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикан и истакна: Договорот е плод на долг и промислен процес на дијалог со намера да се поттикне што подобра соработка помеѓу Светиот Престол и кинеските власти за добро на католичката заедница во Кина и за склад на целото општество.
Со тој дух одлучив да се обратам до кинеските католици и целата општа Црква со порака за братско охрабрување, која ќе биде објавена денес – рече Папата и додаде: Се надеваме дека Кина ќе може да започне нова фаза, која ќе ѝ помогне да ги излекува раните од минатото, да го обнови и одржи полното заедништво со сите кинески католици и со обновена ангажираност да го преземе навестувањето на евангелието.
Имаме важна задача! Повикани сме со горлива молитва и братско пријателство да ги придружуваме своите браќа и сестри во Кина. Тие знаат дека не се сами. Целата Црква моли со нив и за нив. Ја молиме Богородица, Мајката на надежта и Помошничка на христијаните, да ги благослови и да ги заштити сите католици во Кина, додека за целиот кинески народ го молиме Бог да му даде благосостојба и мир – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк