Папата: Петровиот наследник мора да биде слободен да ја зборува вистината и да го промовира мирот

Папата: Петровиот наследник мора да биде слободен да ја зборува вистината и да го промовира мирот

На средба со членовите на здружението „Pro Petri Sede“, папата Лав XIV потврди дека Петровиот наследник да ја има слободата да ја зборува вистината, да ја разобличува неправдата и да ги брани најслабите.

Папата Лав XIV во среда, 18 февруари 2026 година, се сретна со членовите на здружението „Pro Petri Sede“, кое работи на поддршка на Петровиот наследник.

Тој потсети дека членовите на здружението се далечни наследници на Папските Зоавес, пешадиски баталјон составен од млади мажи кои доброволно се пријавиле да му помогнат на папата Пиј IX во одбраната на Папската држава.

Во своето обраќање, Папата го пофали здружението „Pro Petri Sede“ за напорите со кои го поддржуваат Апостолсскиот Престол.

Тој истакна дека општествено-историските околности се промениле од средината на 19 век и дека „не станува збор за борба со оружје или за каков било облик на насилство“ за да се брани слободата на Римскиот Понтиф.

Дури и папата Пиј IX, рече тој, направил пророчки гест кога одбил да дозволи да се пролее крв во Рим, кога војските на италијанскиот Рисорџименто го зазеле градот во септември 1870 година.

Сепак, нагласи Папата, навестувањето на Божјото Царство и натаму е попречувано на многу места и на многу начини, а мисијата на здружението останува актуелна и денес.

Римскиот бискуп, потврди тој, ја примил задачата да ги собира верниците во единство и да го навестува Евангелието на спасението.

„Колку е важно“, рече Папата, „во немирните времиња во кои живееме, ‘Петар’ да ја зачува својата целосна слобода да ја зборува вистината, да ја разобличува неправдата, да ги брани правата на најслабите, да го промовира мирот и, пред сè, да го навестува Исус Христос, Кој умре и воскресна, единствениот можен хоризонт за помирено човештво.“

Папата Лав XIV им се заблагодари на членовите на здружението „Pro Petri Sede“ за нивните молитви и за нивните добротворни дела во корист на сиромашните.

Тој изрази посебна благодарност и за финансиската поддршка што здружението ја обезбедило за едно дело на милосрдие во неговата поранешна епархија Чиклајо, во Перу.

„Основaњето на центар за обука за оние што се во потреба ќе биде од голема корист и ќе ми овозможи, иако оддалечен по растојание, да останам близок до сите тие луѓе со мислите и љубовта,“ рече тој.

На крајот, папата Лав истакна дека молитвата има голема сила во поддршката на делото на Папата и на Светиот Престол и ги довери членовите на здружението „Pro Petri Sede“ на застапништвото на Пресвета Богородица.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот