Одредбата е дел од посебното пасторално внимание кое Светиот Отец го искажува на таа реалност заради поддршка и промовирање на добри плодови.
Папата Фрањо ги одобри поклоничките патувања во Меѓугорје кои од сега понатаму може официјално да ги организираат бискупиите и парохиите и повеќе нема да мора да бидат само во приватен облик како што тоа беше до сега – соопшти на 12 мај 2019 година за време на светата Литургија во Меѓугорје апостолскиот нунциј во Босна и Херцеговина надбискупот Луиџи Пецуто и надбискупот Хенрик Хосер, посебен апостолски визитатор на Светиот Престол.
Привремениот директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол Алесандро Џизоти одговарајќи на прашања на новинарите во врска со тоа соопштение истакна дека одобрувањето на Папата мора да биде придружено од грижата за тие поклонички патувања да не бидат толкувани како потврда на вистинитоста на познатите меѓугорски објавувања кои Црквата сѐ уште ги преиспитува. Затоа мора да се избегне таквите поклонички патувања да создаваат забуна или двосмисленост што се однесува на науката. Тоа се однесува и на пастирите од секој ред и степен кои имаат намера да одат во Меѓугорје и таму да служат и концелебрираат на свечен начин.
Со оглед на значителниот проток на луѓе кои одат во Меѓугорје и на изобилните плодови на благодатите кои произлегуваат од таму, таа одредба е дел од пасторалното внимание кое Светиот Отец го искажува на таа реалност заради поддршка и промовирање на добрите плодови.
Папата одлуката ја донесе една година по именувањето на полски надбискуп на дијацезата Варшава-Прага во мирување, монс. Хосер за посебен апостолски визитатор на парохијата Меѓугорје на неодредено време и на располагање на Светиот Престол. Тоа именување и денешното соопштение не влегуваат во прашањето на науката која се однесуваат на вистинитоста на објавите.
Ватикан њуз/к.мк