Папата: Ни треба помисионерска Курија која покажува единство во поделениот свет

Папата: Ни треба помисионерска Курија која покажува единство во поделениот свет

Папата Лав XIV ги прими своите најблиски соработници на традиционална божиќна аудиенција. Тој го спомена папата Фрањо и неговиот повик да биде Црква отворена за сите. Потоа ги повика да обрнат внимание на големите црковни, пасторални и социјални предизвици и да ги остават настрана ригидноста и идеологиите, вреднувајќи ги разликите и станувајќи знак на мир во свет обележан со конфликти или агресија и гнев честопати поттикнати од интернетот и политиката.

Мисија и заедништво. Мисија, за да може работата на Римската курија сè повеќе да биде насочена кон надвор, во служба на одредени Цркви, со институции, функции и задачи создадени да се справат со големите црковни, пасторални и социјални предизвици на денешницата, а не само да го нуди вообичаеното управување.

Заедништво, избегнување на ригидност или идеологии по прашања како што се верата, литургијата и моралот, негување на автентични односи, отфрлање на маските и триковите, луѓето да не се искористување, и со тоа да се биде пророчки знак на мир во овој свет обележан со раздор, насилство и конфликти честопати поттикнати од интернетот и политиката. Папата Лав XIV на 22 декември 2025 година, за прв пат се сретна со целата Римска курија за божиќниот прием, аудиенција што им претходи на божиќните празници, што стана традиција што ја одржуваат сите неодамнешни Папи.

Потсетување на папата Фрањо

По поздравот од кардиналот Џовани Батиста Реа, декан на Кардиналскиот колегиум, папата Лав XIV го започна својот говор потсетувајќи на својот „сакан претходник, папата Фрањо“. Со својот пророчки глас, пастирски стил и богато учење, папата Фрањо го обележа патот на Црквата во последните години, поттикнувајќи нè пред сè да го вратиме Божјото милосрдие во центарот, да дадеме поголем поттик на евангелизацијата, да бидеме радосна и весела Црква, отворена за сите, внимателна кон најсиромашните.

Црпејќи вдахновение од Хорхе Марио Бергољо, имено од Апостолскиот поттик Evangelii Gaudium, папата Лав ја потсети Римската курија на два фундаментални аспекти од животот на Црквата: мисијата и заедништвото.

Црквата „во состојба на мисија“

Црквата по природа е екстровертна, свртена кон светот, мисионерска – истакна Папата. Таа е Црква во „состојба на мисија“, што произлегува од фактот дека самиот Бог прво тргна кон нас и, во Христос, дојде да нè бара.

Првото големо „излегување“, затоа, е она на Бога, кој излегува од себе за да нè пречека. Таинството на Божиќ го најавува токму ова: мисијата на Синот се состои во неговото доаѓање на светот.

Оваа мисија станува критериум за расудување за патот на верата, за црковните практики, како и за службата на Римската курија – нагласи и објасни папата Лав XIV. Структурите, всушност, не смеат да го оптоваруваат, забавуваат ширењето на Евангелието или да го спречуваат динамизмот на евангелизацијата; напротив, мора да се погрижиме сето тоа да биде помисионерски. Затоа, ваквиот дух треба да ја оживува работата на Куријата, насочена кон промовирање на пастирската грижа во служба на одредени Цркви и нивните пастири.

Потребна ни е сè повеќе мисионерска Римска Курија, во која институциите, функциите и должностите се создадени во однос на денешните големи црковни, пастирски и социјални предизвици, а не само за да се обезбеди редовно управување.

Духови на поделба

Мисијата на Црквата е тесно поврзана со заедништвото– нагласи Папата. Заедница заснована на меѓусебна љубов и меѓусебна солидарност, што е сè поитна задача ad intra и ad extra – истакна и објасни Светиот Отец – Ad intra, бидејќи заедништвото во Црквата секогаш останува предизвик што поттикнува на преобраќање.

Понекогаш, зад очигледниот мир, се креваат духовите на поделбата. И нè искушуваат да осцилираме помеѓу две спротивни крајности: да стандардизираме сè без да ги цениме разликите или, обратно, да ги преувеличуваме разликите и гледиштата наместо да бараме заедничка основа.

Едно и покрај разликите

Така, во меѓучовечките односи, во динамиката на функциите и должностите или во решавањето на прашања поврзани со верата, литургијата, моралот и така натаму, ризикуваме да станеме жртви на ригидност или идеологија, со последователни конфликти – предупреди Папата. Сепак, ние сме браќа и сестри и покрај тоа што сме многумина и различни, ние сме само едно: „In Illo uno unum“– рече Папата, наведувајќи го мотото што го избра за својот понтификат.

Затоа ја охрабри Куријата да ја гради заедницата што се обликува во синодална Црква, каде што секој соработува и дејствува во истата мисија, секој според својата харизма и улога. Повеќе од зборови и документи, ова се постигнува преку конкретни гестови и ставови што мора да се покажуваат во секојдневниот живот и на работното место – нагласи Папата, цитирајќи писмо од Свети Августин до Проба, во кое епископот од Хипо ја изразува својата горчина за тоа дали да треба да им се верува на другите или не.

Оваа горчина понекогаш се влева во нас кога, можеби по многу години поминати во служба на Куријата, со разочарување забележуваме дека одредени динамики поврзани со вршењето на власта, желбата за престиж и грижата за сопствените интереси бавно се менуваат. И се прашуваме: дали е можно да се биде пријател во Римската курија? Да се има односи на пријателско братство?

Да бидеме пророчки знак на мир

Во секојдневните напори, прекрасно е кога наоѓаме пријатели на кои можеме да им веруваме, кога маските и триковите исчезнуваат, кога луѓето не се експлоатираат или игнорираат, кога си помагаме едни на други, кога се признава вредноста и компетентноста на секоја личност, избегнувајќи го поттикнувањето на незадоволството и огорченоста – истакна Папата. Затоа, токму ова „лично преобраќање“ Папата го бара од членовите на Римската курија, за да може тоа да стане и знак ad extra, во свет ранет од раздор, насилство и конфликти, во кој сме сведоци и на зголемување на агресивноста и гневот, честопати експлоатирани од дигиталниот свет и политиката.

Раѓањето Господово носи со себе дар на мир и нè повикува да станеме Негов пророчки знак во еден премногу фрагментиран човечки и културен контекст.

Не ја одгледувате сопствената градина

Делото на Куријата и на Црквата воопшто мора да се гледа и во овој поширок хоризонт – истакна Папата. Ние не сме мали градинари кои се посветуваат на одгледување на сопствената градина, туку сме ученици и сведоци на Божјото Царство, повикани да бидеме во Христос квасецот на универзалното братство, меѓу различните народи, различните религии, меѓу жените и мажите од сите јазици и култури. Да живееме како браќа и сестри и да дозволиме светлината на заедништвото да свети во светот – поттикна Светиот Отец.

Никеја и Соборот

На крајот од својот говор, папата Лав XIV го спомена Јубилејот што се ближи кон крајот. Тоа е Света година посветена на надежта, за време на која беа прославени два важни настани: Никејскиот собор, кој нè враќа кон корените на нашата вера, и Вториот ватикански собор, кој, насочувајќи го својот поглед кон Христос, ја зајакна Црквата и ја охрабри да се сретне со светот, слушајќи ги радостите и надежите, тагите и грижите на денешните луѓе.

Папата го спомена и Evangelii Nuntiandi, Апостолскиот поттик на Павле VI објавен пред педесет години на празникот на Безгрешното Зачнување. Овој документ учи дека сведоштвото за вистински христијански живот, даден на Бога во заедништво кое ништо не може да го прекине, но во исто време даден на другите со безгранична ревност, е главното средство за евангелизација.

Да се потсетиме на ова во нашата куриска служба – рече Папата и додаде: Сведоштвото на христијанскиот живот, изразено во заедништво, е првата и најголема служба што можеме да ја понудиме.

Нека Господ ни ја донесе својата светлина и нека му подари мир на светот!

Книга од фратарот Лоренс како подарок

Како што е традиција, папата Лав XIV им подари на своите соработници книга на крајот од аудиенцијата. Овој пат тоа беше книгата од кармелитскиот фратар Лоренс од Воскресението, „Бог на дофат на душата“, која неодамна ја објави ватиканската издавачката куќа. Во авионот враќајќи се од Бејрут, Папата ја наведе како средство за продлабочување на неговото разбирање на духовноста.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот