Папата: Никој да не биде оставен сам; на културата на смртта треба да одговориме со дела на љубов

Папата: Никој да не биде оставен сам; на културата на смртта треба да одговориме со дела на љубов

Папата Лав XIV денес ги прими членовите на AISLA, Италијанското здружение на пациенти со амиотрофична латерална склероза, на кои им се заблагодари за грижата и поддршката што им ја пружаат на пациентите и на нивните семејства, на начин што го воплотува Исусовиот пристап кон оние што страдаат. Здравствената заштита, освен организација и стручност, бара присуство, вклучително и физичко присуство, за доброто на личноста, нагласи Папата, поттикнувајќи ги храбро да продолжат напред.

На културата на отфрлање и смрт, која ја обележува, односно ја ранува оваа епоха, треба да одговориме со гестови на грижа, ставајќи ја „во оптек“ солидарноста и почитта, секогаш имајќи предвид дека во различните животни ситуации, особено во тешките, никој никогаш не треба да биде оставен сам. Ова е поттикот за храброст и пораката на надеж што папата Лав XIV ја упати до членовите на Италијанското здружение за амиотрофична латерална склероза (AISLA), кои ги прими на аудиенција во сабота, 9 мај 2026 година.

На средбата присуствуваа повеќе од 400 претставници на оваа непрофитна организација, најважна во оваа област во Италија, основана во 1983 година за заштита, поддршка и грижа за лицата што страдаат од АЛС, односно амиотрофична латерална склероза. Болеста зафаќа приближно 6.000 лица на возраст меѓу 40 и 70 години. Самото здружение предвидува дека секоја година се регистрираат околу 2.000 нови случаи. Покрај пациентите, здружението се грижи и за нивните семејства, поддржувајќи ги во она што често е физички и психички исцрпувачка борба. За оваа служба Папата ја изрази својата длабока благодарност.

„Вие сте здружение што ги обединува луѓето кои живеат со оваа болест, нивните семејства и лицата што се грижат за нив, во терапевтски сојуз на близина и солидарност, кој навистина го вополотува самиот Исусов начин на пристап кон оние што страдаат.“

Порака за вредноста на животот

Во оваа смисла, Папата зборуваше за сојуз, во кој, како што нагласи, првиот придонес го даваат лицата погодени од оваа болест. Тие секој ден, со посветеност, вера и храброст, сведочат дека добрината и вредноста на животот се поголеми од болеста. Покрај тоа, додаде тој, самите предизвици што ги носи болеста можат да се соочат заедно, преобразувајќи ги во посебни и повластени можности за давање и примање љубов.

„Ви благодарам за тоа!“, рече Папата и додаде:

„Вие, како пророци, ги учите сите за вистинската вредност на животот, а на нашиот свет толку многу му е потребна таа порака!“

Близина и солидарност

Папата ја спомена и поддршката што здружението ја дава за научни истражувања, образование, информирање и помош, како и неговата важна улога во претставувањето, застапувањето и подигањето на свеста кај поединци, заедници и институции, вклучително и на граѓанско ниво, таму каде што е потребно да се заштитат правата на оние на кои им е потребна помош.

Она што папата Лав XIV особено сакаше да го истакне во работата на AISLA е нејзиниот стил, целосно насочен кон близината. Таа близина се изразува пред сè како „територијална близина“, односно присуство во домот на оние што страдаат. Ова е многу важно, нагласи тој.

„Здравствената заштита, освен организација и стручност, бара присуство, вклучително и физичко присуство, за доброто на личноста во нејзините различни димензии: биолошка, психолошка и духовна.“

Никој никогаш да не биде оставен сам

Црквата, додаде Папата, ја истакнува вредноста на „близината“, односно да се биде со луѓето таму каде што се, во нивните домови, за да се понуди придружба која, покрај помош, претставува и духовна поддршка. Посебно внимание треба да се посвети на прашањата за смислата што ги отвора страдањето и кои не можат да останат без одговор.

„Во различни животни ситуации, особено во тешките, никој никогаш не треба да биде оставен сам. Волонтерството, обединувајќи ве во слободна волја, моќно ја остварува оваа вредност, поттикнувајќи солидарност и почит и одговарајќи на културата на отфрлање и смрт со гестови на грижа.“

Луѓе на надежта

На крајот од аудиенцијата, Папата ги охрабри сите да гледаат во Исус, Кој поминувал низ градови и села лекувајќи секоја болест и секоја немоќ и Кој Самиот избрал да го доживее страдањето, Својот Крстен пат, како време на искушение, физичка болка и духовно страдање.

Христос бил солидарен со нас до крајо покажувајќи ни, преку Својот крст и Воскресение, дека болката и страдањето не можат да ја спречат љубовта, ниту да ја поништат Божјата сила, нагласи Папата. Поради тоа, сите сме луѓе на надежта, кои не се откажуваат пред тешкотиите, туку обединети и солидарни, со Божја помош, продолжуваат да одат напред, рече папата Лав XIV.

„Без откажување. И за тоа ви благодарам од длабочина на моето срце, за вашата храброст: не откажувајте се, одете напред со таа храброст и надеж во Господа.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот