Папата: Не заборавајте што Господ направил во вашиот живот

Папата: Не заборавајте што Господ направил во вашиот живот

Срце без компас е општа опасност за самата личност и за другите

Кога човекот e свртен назад ја губи насоката – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 7 март 2019 година, осврнувајќи се на првото литургиско читање, од Книгата Повторени закони (5 Мој 30, 15-20). Се работи за дел од говорот со кој Мојсеј го подготвувал народот за влегувањето во Ветената земја, ставајќи го пред предизвикот за избор помеѓу животот и смртта. Тоa е апелот на нашата слобoда – рече Папата и истакна: Важни се три мисли на Мојсеј: првата „ако, пак, се одврати срцето твое“; втората „и не послушаш“ и третата „па почнеш да им се поклонуваш на други богови и да им служиш.“

Кога срцето се свртува назад, кога се одлучува за погрешниот пат, ја губи насоката и компасот со кои треба да оди наред – рече Светиот Отец и напомена: Срце без компас е општа опасност за самата личност и за другите. Срцето се одлучува за тој погрешен пат кога не слуша, туку дозволува да го одвлекуваат боговите, и станува идолопоклоник. Има многу глуви луѓе во душата. Па и ние во некои моменти сме глуви во душата; не го слушаме Господ, а лажните богови нè повикуваат на идолопоклонство. Тоа е опасноста на патот кон земјата која на сите ни е ветена, земјата на средба со воскреснатиот Господ.

Великиот пост ни помага да одиме на тој пат – рече папата Фрањо и продолжи: Да не Го слушаме Господ и ветувањата кои ни ги дал, значи да го изгубиме сеќавањето. Кога ќе се изгуби сеќавањето на големите работи кои Господ ги направил во нашиот живот, во својата Црква и народ, тогаш се навикнуваме да одиме со своите сили и самодоволноста. Затоа Папата нè поттикнува да го започнеме Великиот пост барајќи ја „благодатта на сеќавањето“ предупредувајќи повторно на говорот на Мојсеј кој го советувал народот кога ќе дојде во Ветената земја да се сеќава на целиот пат по кој Господ ги водел затоа што кога сме добро, кога имаме сè на дофат на раце, кога духовно се чувствуваме добро би можеле да го загубиме сеќавањето на патот.

И во духовна благосостојба постои опасноста да го загубиме сеќавањето – рече Светиот Отец и додаде: Се чувствуваме добро, го забораваме она што Господ Го направил во нашиот живот, сите милости кои ни ги дал и веруваме дека тоа е наша заслуга, и со тоа уверување одиме понатаму. Овде човекот започнува да оди назад, затоа што не го слуша гласот на своето срце. Ни треба благодатта на сеќавањето.

Израелскиот народ го загубил сеќавањето, затоа што се сеќавал само на она што тогаш му одговарало, а не се сеќавал на она што му се заканувало – рече папата Фрањо и продолжи: На пример народот во пустината се сеќава дека Бог го спасил, тоа не може да го заборави. Но, започнал да се жали заради недостатокот на вода и месо и да мисли на работите кои ги имал во Египет како што е лукот. Се работи за нешто селективно, затоа што се заборава дека сите тие работи ги јаделе во ропството. Треба да го нагласуваме повикот на сеќавањето кој нè става на вистинскиот пат.

Мора да се сеќаваме за да можеме да одиме напред и да не ја загубиме историјата на спасението, историјата на својот живот и заедничката историја на Исус и нас – рече Светиот и предупреди: Не смееме да се запираме и да се враќаме назад, ниту да дозволиме да нè одвлекуваат идолите. Идолопоклонството не е само одење во погански храм и поклонување на некоја статуа. Идолопоклонството е став на срцето кога нешто повеќе сакате затоа што е поугодно за вас отколку Господ Кој сте го заборавиле.

На почетокот на Великиот пост на сите ќе ни направи добро ако ја бараме благодатта да го сочуваме целосно сеќавањето на сето она што Господ го направил во нашиот живот и како нè љубел. Од тоа сеќавање треба да се оди понатаму. Ќе ни помогне постојаното повторување на советот од свети Павле до својот сакан ученик Тимотеј: „Сети се на Исус Христос воскреснат од мртвите. Повторувам: Сети се на Исус Христос воскреснат кој ме придружуваше сѐ до сега и кој ќе ме придружува до оној момент кога ќе мора да се појавам пред Него во славата. Нека Господ ни ја даде таа благодат да го сочуваме сеќавањето – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот