Папата: Нема Божиќ без Исус

Папата: Нема Божиќ без Исус

Денес би сакал со вас да размислувам за значењето на раѓањето на Господ Исус кој овиеденови го живееме со вера и славење – рече папата Фрањо на почетокот на својата катехеза одржана во текот на Генералната аудиенција во салата Павле VI, на 27 декември 2017 година во Ватикан.

Изработката на јаслите и посебно Литургијата со своите библиски читања и традиционалните песни, ја оживеа во нас таа библиска порака „денес се роди за нас Спасител, Христос Господ.“

Во нашето време, посебно во Европа, сведоци сме на одреден вид на „изопачување“ на Божиќ – рече Папата и истакна. Во името на лажното почитување на оние кои не се христијани, а во што често се сокрива желбата верата да се стави на работ, се исклучува од славењето на секоја поврзаност со Исусовото раѓање кое е единствениот вистински Божиќ! Без Исуса нема Божиќ. Без Него може да постои некое друго славење, но не Божиќ. Ако Тој е во центарот, тогаш и сè околу Него, светлата, музиката, традицијата, храната помагаат да се создаде атмосфера на славење, но секогаш со Него во центарот. Ако Исуса го отстраниме, светлото се гаси и сè станува лажно и вештачко.

Преку навестувањето на Црквата, како пастирите од Евангелието – рече Светиот Отец – сме поттикнати да ја бараме и да ја најдеме вистинската светлина, онаа Исусовата, Кој стана човек како нас, Кој се покажува на необичен начин, се раѓа од сиромашна непозната девојка која го родила во штала само со помош на мажот… Светот тоа воопшто не го забележува, но на небото се веселат ангелите кои знаат за што се работи! Така и денес ни се претставува Божјиот Син: како дар Божји за човештвото кое е потопено во ноќта и длабок сон. Сведоци сме и денес дека човештвото често повеќе ја сака темнината, затоа што знае дека светлината ќе ги открие сите оние дела и мисли кои ја печат и гризат совеста. Па, ние повеќе би останале во мракот за да не си ги пореметуваме сопствените лоши навики.

Можеме да се запрашаме, што значи да се прифати Божјиот дар Кој е Исус. Како што Тој самиот нè научи со својот живот, тоа значи да се биде секојдневно бесплатен дар за оние со кои се среќаваме на својот пат – рече папата Фрањо и објасни: Затоа на Божиќ си разменуваме подароци. Исус за нас е вистински подарок и како Него можеме да бидеме дар за другите. Како што ние сакаме да бидеме дар за другите, ги разменуваме даровите како знак, како знак на таквото однесување на кое Исус нè учи: Он, Кој е испратен од Отецот, бил дар за нас и ние сме дарови за другите.

Апостолот Павле ни го дава клучот – рече Папата – за разбирање на библиските читања: „Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе, учејќи нè да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век.“ Божјата благодат се „појавила“ во Исус, лицето Божјо кое Дева Марија го родила како што секое дете се раѓа на овој свет, но кое не дошло „од светот“, односно од Бог. На тој начин со овоплотувањето на Синот, Бог ни го отвора патот за нов живот кој не е заснован на себичноста, туку на љубовта. Исусовото раѓање е најголемиот знак на љубовта на нашиот Отец небесен.

И на крајот – рече Светиот Отец – последната важна димензија во Божиќ да можеме да видиме како во човековата историја, која ја движат моќниците од овој свет, влегува Божјата историја. Бог ги вклучува оние кои се турнати на работ на општеството за да бидат први приматели на неговиот дар, односно – дарот – на спасението кое го донесува Исус. Со малите и презрени Исус воспоставува пријателство кое продолжува во времето и кој ја храни надежта за подобра иднина.

На тие луѓе, кои ги претставуваат витлеемските пастири „им се објави големо светло“ – рече папата Фрањо и протолкува: Тие биле обесправени, неприфатени и презрени и на нив први им е навестена големата новост. Со тие луѓе, со малите и презрените, Исус склопува пријателство кое продолжува во времето и кое ја храни надежта за подобра иднина. На тие луѓе кои ги претставуваат витлеемските пастири им се објавило големо светло кое ги доведува директно до Исус. Со нив во секое време, Бог сака да изгради нов свет во кој нема повеќе отфрлени, злоупотребени и сиромашни.

Овие денови да го отвориме умот и срцето за да ја примиме таа благодат – поттикна Папата на крајот и додаде: Исус е дар Божји за нас и ако го примиме и ние можеме да стане за другите – да бидеме Божји дар за другите – пред сè за оние кои никогаш не искусиле внимание и нежност. Колку луѓе во својот живот никогаш не доживеале милување, внимание, љубов и нежност… Божиќ нè охрабрува тоа да го направиме. Исус доаѓа да се роди повторно во животот на секој од нас и преку нас продолжува да биде дар за спасение на малите и отфрлените.

После катехезата Папата ги поздрави присутните ходочасници, братства, медицинските работници и парохиите, а малите, болните и младите брачни парови ги повика посебно да бидат силни во верата и во потрагата за Детето кое во таинството на Божиќ се нуди како дар за човештвото.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот