Папата Фрањо ја предводеше светата Литургија на Пепелница, во среда 22 февруари 2023 година во римската базилика Света Сабина.
Обредот на пепелење го означува почетокот на „враќањето“ кај Бога, рече папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија на Пепелница. Светиот Отец објасни дека пепелењето е поттик и за враќање на вистината за себе и за враќање кон Бога, како и кон браќата и сестрите.
„Пепелта нè потсетува кои сме“, рече Римскиот бискуп, потсетувајќи нè на „суштинската вистина на нашите животи: дека само Господ е Бог и дека ние сме дело на неговите раце“. Затоа, Великиот пост е време за да се потсетиме дека се потпираме на Бога, а во исто време да го отфрлиме „преправањето дека сме самодоволни“.
Зборувајќи потоа за враќањето кај Бога и кај браќата и сестрите, Папата рече дека со отфрлање на секоја претпоставка за самодоволност и сите облици на идолопоклонство за себе, може да се почне да се учи дека „животот е однос што го добиваме од Бога и нашите родители“ и дека секогаш е можно да се оживуваат и обноват односите „благодарејќи му на Господа и на оние што Тој ги поставува покрај нас“.
„Затоа, Великиот пост е време на благодат кога можеме да го обновиме нашиот однос со Бога и со другите, отворајќи ги нашите срца во тишината на молитвата и излегувајќи од тврдината на нашата самодоволност“.
На крајот, папата Фрањо ги потсети верниците за важноста на милостината, молитвата и постот, кои вообичаено се поттикнуваат за време на постот. „Сепак, како што слушнавме во Евангелието“, истакна Папата, „Исус нè предупредува дека тоа мора да бидат дела што го изразуваат обновувањето на нашите срца, а не само надворешни ритуали“.
Премногу често, предупреди тој, „нашите гестови и ритуали немаат влијание врз нашите животи, туку остануваат површни“. Меѓутоа, ако човек остане понизен пред Бога, „милостината, молитвата и постот нема да останат само надворешни појави, туку ќе го изразат она што навистина сме: Божји деца и браќа и сестри еден на друг“.
Папата Фрањо ја заврши својата проповед со поттик „да ги приклониме главите, да примиме пепел и да ги просветлиме нашите срца“ и така да го започнеме патот на милосрдие, молитва и пост.
„Да не ја занемариме благодатта на ова свето време“, рече Светиот Отец, „туку да ги упатиме очите кон крстот и да одиме, великодушно одговарајќи на силните поттици на Великиот пост“. На крајот од великопосниот пат ќе се сретнеме со поголема радост на Господарот на животот, Кој единствен може да нè подигне од нашата пепел“, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк