Да не ја вртиме главата пред слабите, туку да дејствуваме за да ги ослободиме од страдањата ангажирајќи се општествено и политички, поттикна папата Фрањо на светата Литургија по повод 5. Светски ден на сиромашните, која ја прослави во базиликата Свети Петар.
Историјата е обележана со тешкотии, насилство, страдања и неправди кои ги рануваат, измачуваат и угнетуваат сиромашните, „најслабите алки во синџирот“, во исчекување на ослободувањето кое се чини дека никогаш нема да дојде. Папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија која ја служеше во недела 14 ноември 2021 година во базиликата Свети Петар по повод 5. Светски ден на сиромашните, ги охрабри сите христијани да не ја вртат главата пред најслабите и зборуваше за два аспекта на историјата: за денешната болка и надежта за утре. Од една страна се болните противречности на човечката реалност, а од друга иднината на спасението ставено во средбата со Господ.
Светскиот ден на сиромашните, кој го славиме, бара од нас да не се вртиме на другата страна, да не се плашиме одблизу да ги погледнеме страдањата на најслабите – рече Папата. Евангелието помага да се разбере постоењето на тие луѓе чии животи се засенети од осаменост, неисполнети очекувања и соништа кои потонале во резигнација. Сето тоа поради сиромаштијата на која често се принудени, жртви на неправдата и нееднаквоста во општеството на отфрлање, кое брза без да ги види и бескрупулозно ги препушта на нивната судбина.
Меѓутоа, во денешната болка, цвета надежта за утре. Исус сака да нè отвори за надеж, да нè оттргне од вознемиреноста и стравот од болката на светот. Затоа истакнува дека, токму кога сонцето се стемнува, и се чини дека сè се распаѓа, Тој се приближува. Затоа, христијаните, соочени со таквата реалност, треба да ја зајакнат надежта во утре, лечејќи ги денешните болки.
Надежта што се раѓа од евангелието, имено, не е во пасивно чекање работите еден ден да тргнат на подобро, тоа не е можно, туку денес да го направиме конкретно Божјото ветување за спасение денес. Денес, секој ден – истакна Папата. Христијанската надеж не е блажен оптимизам, згора на тоа, би рекол, адолесцентен оптимизам на оние кои се надеваат дека работите ќе се променат, додека во меѓувреме продолжуваат да го живеат својот живот; туку тоа значи да се гради секој ден Царството на љубовта, со конкретни гестови, со правдата и братството кои Исус ги навести.
Затоа Папата бара од верниците да бидат неуморни градители на надежта среде секојдневните рушевини на светот; да бидат градители на надежта, да бидат светлина додека се затемнува сонцето; да сведочат за сочувство додека околу нив владее растресеност; да бидат внимателна присутност среде раширената рамнодушност и да бидат сведоци на сочувство. Никогаш нема да можеме да правиме добро без сочувство. Во најдобар случај, ќе правиме добри работи, но тоа не нема да биде на христијанскиот начин, бидејќи не допира до срцето. Она што ни дава да го допреме срцето е сочувството: се зближуваме, чувствуваме сочувство и правиме гестови на нежност. Токму тоа е Божјиот стил: блискост, сочувство и нежност. Тоа денес Тој го бара од нас – истакна Папата.
Не треба да се ограничуваме во надежта, туку надежта треба да се организира – предупредуваше „епископот близок до сиромашните“ дон Тонино Бело, кој беше посочен од папата Фрањо како пример за поттикнување на одлуки и конкретни гестови на внимание, правда, солидарност, грижа. за заедничкиот дом, без кои – како што рече – нема да може да се ублажат страдањата на сиромашните, економијата на отфрлање што ги принудува да живеат на маргините, нема да може да се промени, а нивните очекувања нема да можат да процветаат.
Ние, особено ние христијаните, треба да ја организираме надежта. Прекрасен е изразот на Дон Тонино Бело да се „организира надежта“, секој ден да се претопи во конкретен живот, во меѓучовечките односи, во општествено-политичкиот ангажман. Тоа ме потсетува на она што многу христијани го прават преку таканаречените добротворни дела; работата на Апостолската милостилница. Што се прави таму? – праша Папата и веднаш истакна: се организира надежта. Не се дава ситница не; се организира надежта. Тоа е динамиката, која Црквата ја бара од нас денес.
Благодарение на нежноста, сочувството што води до нежност, надежта ќе може да никне и да се ублажи болката на сиромашните, надминувајќи ја затвореноста, внатрешните крутости кои денес се искушение – како што рече – „обновувачи“ кои ја сакаат Црквата потполни уредена, крута; тоа не е од Светиот Дух. Треба да го надминеме ова и да направиме надежта да никне во таа крутост. На нас исто така е да го победиме искушението да се занимаваме само со сопствените проблеми, како би се разнежниле пред трагедиите на светот, како би сочувствувале со оние кои страдаат.
Христијаните се повикани да бидат како лисја, да го апсорбираат загадувањето што не опкружува и да го претворат во добро – истакна Папата. Залудно е да се зборува за проблемите, да се расправа, да се навредуваме – сите знаеме како да го правиме тоа – потребно е да ги имитираме листовите кои незабележливо секојдневно го претвораат загадениот воздух во чист. Исус сака да бидеме „преобразувачи на доброто“; луѓе кои се потопени во тешкиот воздух, кој сите го дишат, на злото одговараат со добро (сп. Римјаните 12,21). Личности кои дејствуваат: кршат леб со гладните, се ангажираат за праведата, ги подигаат сиромашните и го враќаат нивното достоинство, како што направил Самарјанецот.
Убаве е, евангелска и млада Црква која излегува од себе – забележа тогаш Папата, нагласувајќи го зборот „млад“ за да каже дека младоста сее надеж. Тоа е пророчката Црква, кога со нежност гледа на сиромашните; блискост, сочувство, неосудувајќи ги. Ние ќе бидеме суддени… Зашто, со нив е и Исус; затоа што во нив не чека Исус – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк