Папата: Никогаш не верувајте дека злото може да надвладее

Папата: Никогаш не верувајте дека злото може да надвладее

Папата Лав XIV служеше света Литургија во седиштето на Карабињерите во Кастел Гандолфо и изрази благодарност за напорите на италијанската жандармерија за заштита на ходочесниците кои го посетуваат Рим во ова Јубилејно лето.

Во рамките на својот летен одмор во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV во вторник, 15 јуни 2025 година, ја предводеше светата Литургија во капелата на седиштето на Карабињерите во ова гратче на ридот близу Рим.

Седиштето се наоѓа во „Вила на Исусовците“ (Villa dei Gesuiti), имот кој му припаѓа на Светиот Престол и е отстапен на користење на Карабињерите, Исусовците и некои локални жители.

Карабињерите се национална жандармерија на Италија – форма на воена полиција која делува под надлежност на Италијанските вооружени сили, со задача да се грижи за јавниот ред и внатрешната безбедност.

На светата Литургија присуствуваа италијанскиот министер за одбрана, Гуидо Крозето, генералниот командант на Карабињерите, Салваторе Луонго, како и надбискупот Џан Франко Саба – надбискуп за Военото пасторално подрачје на Италија.

Браќа и сестри во Христос

Во својата проповед, папата Лав се задржа на христијанскиот поздрав „брате“ и „сестро“, кој, како што рече, ја изразува близината и љубовта кои се повторуваат низ литургиските молитви и гестови.

„Ние сме навистина браќа и сестри на Исус кога ја вршиме волјата Божја – а тоа е: да живееме во љубов едни со други, како што Бог нè љуби,“ рече Папата.

Секоја врска, продолжи тој, станува дар во Христос, бидејќи Он ни го испраќа Светиот Дух да пребива во нашите срца кога љубиме.

„Љубовта Божја е толку голема,“ додаде, „што Исус дури и Својата Мајка не ја задржува само за Себе, туку ни ја доверува на сите нас во часот на Крстот.“

Папата потсети дека Пресвета Богородица се смета за прва ученичка, бидејќи прва го прифати Словото Божјо со љубов и верност во своето срце.

Верност во време на искушенија

Тој се осврна и на неодамнешното одбележување на 75-годишнината од прогласувањето на Пресвета Дева – Верна Дева (Virgo Fidelis) за заштитничка на Карабињерите.

По Втората светска војна, Карабињерите ја гледаа верноста на Богородица како пример за верноста на секој нивен припадник кон народот и татковината – истакна Папата.

Во своето обраќање, тој изрази благодарност до Карабињерите за нивната „возвишена и одговорна служба“ во корист на италијанскиот народ и за нивната заштита на милионите ходочесници кои го посетуваат Рим во ова Јубилејно лето.

„Среде неправди кои го рануваат општествениот поредок, не потклекнувајте на искушението да помислите дека злото може да надвладее,“ рече тој. „Особено во ова време на војни и насилства, останете верни на својата заклетва: како слуги на државата, одговарајте на злото со силата на законот и чесноста.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот