Во своето обраќање на 19 мај 2019 година за време на молитвата Царице небесна во петтата воскресна неделата, папата Фрањо се концентрира на Исусовите зборови од Новиот Завет: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг (Иван 13, 31-35).
Папата Фрањо запраша каква смисла ѝ дава Исус на оваа нова заповед, која што Бог ја беше дал на својот народ уште во Стариот Завет „да го љуби својот ближен како себеси”.
Старата заповед на љубов станува нова, бидејќи е дополнета со изразот ‘како Јас што ве возљубив’, рече Светиот Отец. Според тоа новоста се состои во љубовта на Исус Христос, „љубовта со која тој го даде својот живот за нас”. Универзална, безусловна и безгранична љубов, чија што кулминација е Крстот. Папата објасни дека „мислејќи за маките и страдањата на Исус, учениците го разбрале значењето на Неговите зборови: Како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
Безусловна љубов
Папата Фрањо објасни дека „Исус прв нѐ засака, и покрај нашите слабости и ограничувања, Тој нѐ направи достојни за Неговата љубов, која не познава граници и никогаш не завршува”:
Кога ни ја даде новата заповед, Тој побара од нас да се љубиме еден со друг, не толку многу и не само со нашата љубов, туку со Неговата, која во нашите срца е вдахновена од Светиот Дух. Само на овој начин ние ќе можеме да се сакаме едни со други, и не само како што ние љубиме, туку како што Тој нѐ љубеше, што значи бескрајно повеќе”. На овој начин, истакна папата Фрањо, ние ќе можеме насекаде да го посееме семето на љубовта што ги обновува односите помеѓу луѓето и отвора нови можности за надеж.
Папата Фрањо потсети дека „љубовта, посведочена со Христовиот крст, е единствената сила која нашето камено срце го преобразува во срце од месо, која нѐ прави способни да ги љубиме своите непријатели и да простуваме на оние што нѐ повредиле; која нè тера да го видиме другиот како актуелен или иден член на заедницата кои се пријатели на Исус, која нѐ поттикнува да разговараме и ни помага да се слушаме и запознаваме меѓусебно”. Папата Фрањо истакна дека „Христовата љубов создава мостови, покажува нови патишта, ги поставува основите на братските односи”.
По молитвата Царицe небесна, папата Фрањо потсети на вчерашната беатификација во Мадрид на Марија Гвадалупе Ортис, лаик од Прелатурата на Светиот Крст и „Опус Деи”, што беше поздравено со аплауз од присутните на плоштадот Свети Петар. Новата блажена, успеала вешто да ја поврзе „Евангелска доктрина и навестувањето. Нејзиното сведоштво е пример за христијанските жени вклучени во социјалната сфера и научните истражувања”.
Ватикан њуз/к.мк