Ангел Господов: Адвентот нè повикува да го слушаме Божјиот глас во тишина

Ангел Господов: Адвентот нè повикува да го слушаме Божјиот глас во тишина

На неделната молитва Ангел Господов, во недела 29 ноември 2026 година, папата Лав XIV размислуваше за Првата недела од Адвентот и ги повика христијаните да се учат да го слушаат Господовиот глас, да го поздрават Неговото присуство и да придонесуваат за мирот во местата погодени од војна.

Папата Лав XIV во неделата ја предводеше молитвата Ангел Господов со ходочесниците присутни на плоштадот „Свети Петар“, на Првата недела од Адвентот.

„На почетокот на Адвентот, да Го молиме Господ, преку застапништвото на Дева Марија, ова време што нè води кон Божиќ да биде период во кој ќе се преземат конкретни чекори за мирот на сите места каде што има војна, а до луѓето кои страдаат да стигне потребната помош“, рече Папата.

Во своето размислување пред молитвата Ангел Господов, Папата рече дека Евангелието за денешниот ден ни го упатува повикот „Бидете будни“ додека се подготвуваме за Господовото доаѓање на Божиќ и истовремено го очекуваме Неговото конечно враќање на крајот на времињата.

Иако денес многу луѓе, особено младите, поминуваат бессони ноќи, евангелскиот повик нè упатува кон поинаков вид будност.

„Станува збор за време на тишина во кое, откако ќе ги стивнеме надворешните гласови и вревата, го изоструваме слухот на срцето, создаваме простор за најдлабоките и најважните прашања и, како одговор, го слушаме Божјиот глас“, рече тој.

Ова слушање со внатрешниот слух е вистинскиот начин на подготовка за Божиќ, кој Папата го опиша како „ноќ на тишина и исчекување, на нежност и едноставност“.

„Тоа нè потсетува на ноќта кога Бог стана човек, настан што се случи пред повеќе од две илјади години, а по благодат Тој и денес останува жив и присутен во нас, повикувајќи нè да застанеме, да ја тргнеме нашата одбрана и да најдеме одмор во прегратките на Отецот“, рече Папата.

Папата Лав забележа дека се потребни вежбање и трпение за да ја разбереме тајната на доаѓањето на Синот Божји меѓу нас.

Господ, додаде тој, не вика и не ги крши вратите, туку чука, „неуморно шепотејќи ни зборови на вистина и љубов“.

„Да бидеме будни значи да се учиме да го слушаме Неговиот глас и да го примаме Неговото присуство“, рече Папата. „Сите можеме да го правиме тоа преку молитвата, учеството во Евхаристијата, Исповедта, слушањето на Божјото слово и делата на милосрдието.“

Адвентот им нуди на верниците драгоцена можност повторно да ги откријат и оживеат овие духовни практики, рече Папата, повикувајќи ги сите да застанат и да размислуваат за подлабокото значење на она што им се случува, за да можат да го препознаваат Господ во секојдневните настани.

Папата Лав на крајот потсети на зборовите на Свети Августин за неговиот сопствен пат на верата и за пронаоѓањето на мирот во Бога. „Со своите сетила, колку што можев, го истражував светот надвор од себе… Но, меѓу сето она што го истражував… не можев да најдам сигурно место за мојата душа освен во Тебе“ (Исповеди, X, 40,65).

Пресвета Дева Марија, рече Папата, може да ни помогне да го живееме Адвентот како време на благодат, како што и самата во тишина го прими и го носеше во себе Божјото Слово.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот