Еден ден по враќањето од апостолското патување во Уругвај, Аргентина и Перу, папата Лав XIV изрази благодарност за „долгото и прекрасно“ патување и истакна дека Пресвета Богородица, кон која верниците во овие земји негуваат длабока побожност, го придружувала на секој чекор од патот.
„Посетувајќи ги помесните Цркви за време на апостолските патувања, Папата имаше можност да ја види убавината на Божјиот народ кој чекори напред, и покрај тешкотиите со кои се соочува во различните околности и историски моменти.“
Со овие зборови папата Лав XIV се осврна на своето „прекрасно патување“ во Уругвај, Аргентина и Перу за време на Генералната аудиенција во Ватикан во среда 18 ноември 2026 година, нарекувајќи го посебен дар од Господ.
Светиот Отец потсети дека на народот на Уругвај повторно му ја навести пораката на спасението, „Ви благовестувам голема радост“ (Лука 2,10), односно Исус Христос, Вистината која го просветлува секој човек.
Осврнувајќи се на Аргентина, папата Лав истакна дека татковината на папата Фрањо го пречекала со голема топлина и ентузијазам, а милиони верници се собрале на главните настани и литургиски прослави.
„Со радост можев да ја пренесам пораката содржана во мотото на посетата, ‘Добредојдовте сите. Одете и навестувајте!’“, рече тој.
На крајот Светиот Отец се осврна и на последната етапа од патувањето во Перу, каде што, како што рече, повторно ја почувствувал прегратката исполнета со љубов и вера на народот меѓу кој некогаш служел како мисионер и епископ.
Тој им објасни на присутните дека неговата посета на Перу траела малку подолго „бидејќи му должам посебна благодарност на Божјиот народ што живее во таа земја“.
„Особено во Чиклајо се чувствував како дома“, рече папата Лав, кој таму служеше како епископ од 2015 до 2023 година.
„Повторно ја открив едноставната и искрена вера, потхранувана од народната побожност.“
Осврнувајќи се на различните места што ги посети во Перу, Светиот Отец потсети дека ги повикал сите да ги отворат своите срца за Христовата љубов и заедно да градат поправедно и побратско општество.
Папата им се заблагодари и на сите кои се молеа за успехот на неговото апостолско патување.
„Нека Господ, Кој ми ја дарува оваа голема благодат, секогаш ги благословува овие народи и нека ги води по патот на мирот, правдата и братството.“
Ватикан њуз/к.мк

