Откако ја посети катедралата во Трухилјо во Перу, и положи цвеќе пред Пресвета Богородица, папата Фрањо на 20 јануари 2018 година, замина во богословијата, каде се сретна со свештениците, монасите и монахињите и богословите.
Обраќајќи им се, Папата нагласи дека нивните звања секогаш имаат двојна димензија, корени во земјата и срце на небото. Кога ќе недостасува една од тие две димензии, нивниот живот малку по малку ќе пропадне.
Од сеќавањата и добродетелите се раѓа верата која нè поддржува во времето и историјата за да растеме и да донесуваме плодови – рече Светиот Отец на присутните и продолжи: Треба да бидеме длабоко свесни дека сеќавањето се занимава со минатото за да пронајде жила која со векови ги напојувала учениците и на тој начин го препознаваат Божјиот премин низ животот на неговиот народ. Сеќавање на ветувањето кое Бог го даде на нашите татковци, кога останува живо во нас, е причина за нашата радост. Токму од тоа богатство на сеќавањето – рече Папата – произлегуваат добродетелите: радосна свест за себе, сеќавање на времето за сопствениот повик и заразната радост.
Светиот Отец се послужи со примерот на свети Иван Крстител истакнувајќи дека имал длабока свест дека е само оној кој „најавува“. Знаел дека неговото послание е да го покаже патот, да ги започне процесите, да ги отвори просторите, да навести дека доаѓа Друг кој ќе го донесе Духот Божји. Ние лицаа посветени на Бог– рече папата Фрањо – не сме повикани да го надоместиме Господ, ниту со своите дела, ниту со своето послание, ниту со безбројните активности кои мораме да ги направиме. Едноставно, од нас се бара да работиме заедно со Господ.
Како да се бориме против искушението дека се чувствуваме премногу важни? – праша Папата и даде совет: треба да научиме да се смееме со самите себе затоа што тоа ни дава духовна сила за да застанеме пред Господ со сопствените ограничувања, грешки и гревови, но и со сопствените успеси и радоста заради спознанието дека Он е покрај нас. Некој би можел да каже: добро, но зарем немате некој лек – рече Светиот Отец и додаде: Да, имам, две таблети кои многу помагаат: првата е да разговараш со Исус, со Господ и да бараш милост за да бидеме радосни заради реалната ситуација, а другата е да се гледаш во огледало, не нарцистички, туку како лек да се смееш на самиот себе и да се радуваш заради спознанието за себе.
Цитирајќи го Евангелието според Иван каде апостолот се присетува на точното време на својата средба со Исус, папата Фрањо ги повика присутните да се присетат кога биле допрени од Христовиот поглед затоа што кога ќе заборавиме на тоа време, забораваме на своето потекло, на своите корени и губејќи ги тие темелни координати ја исклучуваме најскапоцената работа која посветената личност може да ја има, а таа е Господовиот поглед. Дозволете да ве гледа – рече Папата и протолкува: Повикот кој не може да се заборави се раѓа од длабоката милосрдна љубов која ја допрела нашата внатрешност за да одиме да им служиме на другите како Исус Христос.
Божјиот народ има чувство и знае да разликува кој е богат со сеќавање, а кој го загубил сеќавањето – нагласи Светиот Отец и поттикна: Не заборавајте и немојте да ја презирате едноставната вера на својот народ. Знајте да прифатите и да поттикнувате средба со Господ. Да не го загубите сеќавањето и почитувањето кон оние кои ве научиле да се молите.
Служејќи се со примерот на апостолот Андреј, папата Фрањо потсети дека Андреј своето послание го започнал од своите најближни, од својот бран Симон, речиси како нешто природно, изразувајќи радост. Тој е најдобриот знак дека сме го откриле Месијата. Радоста е постојана во срцето на апостолот и ја гледаме во силата со која Андреј ја доверува на својот брат: Го сретнавме Месијата! Па, радоста на Евангелието го исполнува срцето и внатрешниот живот на оние кои се среќаваат со Исус.
За да се спротивставиме на овој свет кој води во поделеност, затвореност и осаменост, мораме да бидеме творци и пророци во заедницата – рече Папата и нагласи: Никој не се спасува сам. Поделеноста и затвореноста не се нешто што се забележува само надвор во светот, туку поделби, војни, затвореност кои ни прават толку зло, ги живееме и ние во своите заедници.
Оние кои мораат да управуваат молам да не бидат самодоволни, да настојуваат да водат грижа за своите браќа, правејќи така да им биде добро, затоа што доброто е заразно – рече Светиот Отец и предупреди: Не смееме да паднеме во замката на власта која се претвора во задржување на власта. Големо внимание мораме да посветиме на дијалогот помеѓу младите и старите свештеници. Ни треба дијалогот помеѓу различните генерации кои се збогатуваат едни со други посебно заради оние кои се во поодминати години – заврши Папата..
РВ/к.мк