Мигрантите се учители на надежта. Грижата за нив бара сериозни пасторални пристапи на близина и разбирање дека секој човек е вреден и свет Божји дар, потсети Светиот Отец.
На 28 октомври 2024 година, Папата ги прими учесниците на XVI генерално собрание на Конгрегацијата на мисионерите на Свети Карло – монашка заедница основана во 1887 година од италијанскиот бискуп Свети Џовани Батиста Скалабрини, поради што нивните членови често се нарекуваат „скралабрини“.
Папата Фрањо многу го почитува фактот се радува што собранието одржано во пресрет на јубилејот беше посветено на темата на Светата година: Ходочесници на надежта. Поради оваа причина, во својот говор тој зборуваше за оваа крепост осврнувајќи се на три аспекти на мисионерската служба: грижа за мигрантите, пасторална грижа и дела на милосрдие.
Мигрантите се учители на надежта
„Пред сè, мигрантите се учители на надежта…Тие тргнуваат со надеж „да најдат секодјдневен леб на друго место“, како што вели Свети Џовани Батиста Скалабрини, и не се откажуваат, дури и кога сè е „против нив“, па дури и кога ќе наидат на затвореност и отфрлање. Нивната упорност, која често е поткрепена со љубов кон семејствата кои ги оставија зад себе, многу поучува“, нагласи Папата.
Светиот Отец истакна дека „потрагата по иднината што го инспирира мигрантот“ е израз на „потребата за спас што ги обединува сите, без разлика на расата и статусот“. Покрај тоа, „патувањето“, правилно разбрано и доживеано, може да стане, дури и во страдањето, важно училиште на верата и човечноста, како за оние што помагаат, така и за оние што добиваат помош. Да не заборавиме: историјата на спасението е историја на мигрантите, народите, упатени на ходочестие“, додаде тој.
Пасторална грижа што ја зајакнува надежта
Зборувајќи за пасторалната грижа на надежта, како важен аспект на мисионерите на Свети Карло, Папата забележа дека кога миграцијата е придружена со соодветна поддршка, помага во растот на сите; но ако човек се доживее сам и напуштен, тогаш „може да стане драма на егзистенцијално отуѓување, криза на вредности и перспективи, што може да доведе до очај и губење на верата“.
„Неправдата и насилството што ги доживуваат многу наши браќа и сестри кои се принудени да ги напуштат своите домови, често се толку нехумани што може дури и најсилните да ги одведе во темнината на очајот и безнадежноста. Ако сакаме тие да ја задржат силата и издржливоста, кои се потребни за да го продолжат патувањето што го започнаа, ни требаат луѓе кои ќе се грижат за нивните рани, внимавајќи на нивната физичка, духовна и психолошка ранливост. Потребни ни се сериозни пасторални иницијативи на близина, на материјално, верско и човечко ниво, за да се поддржи нивната надеж, а со тоа и духовните патишта кои водат кон Бога, верен сопатник на патот, секогаш присутен со оние кои страдаат“, рече Папата.
Светиот Отец истакна дека денес на многу земји им се потребни мигранти. Тој како пример ја наведе Италија, нагласувајќи дека просечната возраст на населението во таа земја е 46 години. „На Италија и требаат мигранти и мора да ги прифати, придружува, поддржува и интегрира. Мора да ја кажеме оваа вистина“, посочи Папата.
Секој човек е дар од Бога
Во последниот дел од својот говор Папата потсети на зборовите на свети Џовани Батиста Скаларбини, кој во пресрет на јубилејот во 1900 година рече: „Светот стенка од тежината на големите несреќи“.
„Тоа се тешки зборови, но за жал и денес се актуелни. Дури и денес, оние кои ја напуштаат својата татковина често тоа го прават поради трагичен и неправеден недостаток на можности, демократија, иднина или разорни воени сценарија, уништување на планетата. На ова се додава и повлеченоста и непријателството на богатите земји, кои на оние што тропаат на вратата ги гледаат како закана за сопствената благосостојба. Така во драматична конфронтација меѓу интересите на оние кои го штитат нивниот просперитет и борбата на оние кои се обидуваат да преживеат, бегајќи од глад и прогон, многу луѓе умираат под рамнодушните погледи на оние кои едноставно го гледаат овој спектакл или, уште полошо, шпекулираат за страдањата“, рече папата Фрањо.
Папата потсети дека во Библијата, еден од законите на јубилејот е враќањето на земјата на оние кои ја изгубиле. „Денес, ваквиот чин на правда може да добие конкретна форма во поинаков контекст – во сочувствително служење кое ги става личноста, неговите права и достоинство во центар, надминувајќи ги отуѓувачките стереотипи за да се препознае себеси во другиот, кој и да е, и од каде да е, е дар Божји, исклучителен, свет, недопирлив, вреден за општо добро“, истакна Светиот Отец на крајот од говорот.
Ватикан њуз/к.мк