Папата: Малата црква е милост; со ништо богата, во сѐ сиромашна

Папата: Малата црква е милост; со ништо богата, во сѐ сиромашна

На последниот ден од своето Апостолско патување, 15 септември 2022 година, во катедралата во Нур-Султан, папата Фрањо се сретна со бискупи, свештеници, ѓакони, Богопосветени лица, семинаристи и пасторални соработници, на кои им посочи дека им требаат други, дури и оние кои исповедаат друга вера. Само заедно може да се направи нешто добро, рече тој и ги охрабри да им дадат повеќе простор на лаиците и предупреди на корупцијата и лицемерието.

Црква, со ништо богата, во сè сиромашна, не самодоволна и затоа секогаш во дијалог со оние што исповедаат поинаква вера; жива и отворена иднина, никогаш затворена во својата школка само затоа што е малубројна – рече Папата на првиот настан на последниот ден од неговото Апостолско патување во Казахстан, на средбата со локалната Врква, која ја повика да не падне во корупција и лицемерие и да им се обезбеди повеќе простор на верниците лаици, за да не се „клерикализираат“.

Семејство на музичари

Бискупи, свештеници, ѓакони, Богопосветени лица, семинаристи и пасторални соработници се собраа во катедралата „Богородица на постојаната помош“ во Нур-Султан. Станува збор за едноставна зграда до која папата Фрањо пристигна во инвалидска количка. Тој беше пречекан со аплауз, цвеќиња, звуци на виолини, флејти, харфи и домбри, типичен казахстански инструмент за кој Папата зборуваше во својот прв говор. Музичарите биле членови на само едно семејство: 23 лица, меѓу кои три свои деца, а останатите биле посвоени, меѓу кои и едно девојче кое го надминало својот хендикеп благодарение на музиката.

Никој не е странец

Црква составена од многу лица од различни истории и традиции, но сите обединети со една вера во Исус Христос – истакна Папата и се осврна на зборовите на бискупот Хозе Луис Мумбиела Сиера, претседател на бискупската конференција на Централна Азија, кој рече дека повеќето од членовите на Црквата во Казахстан се странци. Точно е, бидејќи доаѓате од различни региони и земји, но убавината на Црквата е во тоа: ние сме едно семејство во кое никој не е туѓинец – истакна Светиот Отец.

Искушението за враќање

Осврнувајќи се на почетоците на христијанството во Централна Азија, со евангелизацијата во првите векови извршена од бројни евангелисти и мисионери кои се посветиле на ширење на светлината на Евангелието, основање заедници, светилишта, манастири и богослужбени места, Папата истакна дека има христијанско, екуменско, наследство, кое треба да се почитува и чува; пренесување на верата во која протагонисти беа и многубројни едноставни луѓе, баби и дедовци, татковци и мајки.

На духовното и црковното патување не смееме да го изгубиме споменот на оние кои ни ја навестија верата. Но, да бидеме внимателни – додаде тој – не се работи за тоа да се навраќаме со носталгија, да останеме заглавени на нештата од минатото и да дозволиме да бидеме парализирани од неподвижноста; тоа е искушението за враќање.

Верата е секогаш вистински настан

Папата зборуваше за „живиот спомен“, без кој верата, побожноста и пасторалното делување би можеле да ослабат, да биде како оган од слама, кој веднаш се пали, но брзо се гаси. Кога ќе го изгубиме сеќавањето, радоста исчезнува. И благодарноста кон Бога и браќата исчезнува, бидејќи паѓаме во искушение да мислиме дека сè зависи од нас. Гледајќи го наследството од минатото – истакна тој – гледаме дека верата не се пренесувала од колено на колено како збир на работи што треба да се сфатат и да се направат, како некој код што бил воспоставен еднаш засекогаш. Не, верата се пренесувала низ животот. Затоа, верата не е убава изложба од минатото… тогаш би била музеј, туку секогаш актуелен настан. Затоа – додаде Папата – сакам да кажам дека верата треба да се пренесува на дијалект.

Да се биде мал е милост

Соочени со бројни предизвици на верата – посебно оние поврзани со учеството на младите генерации – како и со проблемите и тешкотиите во животот, и гледајќи ја бројната состојба, во пространоста на една ваква земја, може да се чувствувате мали и неадекватни. Но, Евангелието е тоа што ја превртува логиката на бројките: „Да се биде мал, сиромашен по дух е блаженство“, истакна Папата.

Има скриена благодат во малата Црква, во малото стадо; наместо да ја покажеме нашата сила, нашиот број, нашите структури и сите други форми на човечко значење, ние се предаваме на Господовото водство и стоиме понизно со луѓето.

Заедно во дијалог

Тоа што сме мали нè потсетува и дека не сме доволни сами на себе – истакна Светиот Отец – односно ни требаат Бог и другите, вклучително и нашите браќа и сестри од друга вероисповед. Само заедно, во дијалог и меѓусебно прифаќање, можеме вистински да постигнеме нешто добро за секого. Посебна задача на Црквата во оваа земја е да не биде група која се занесува со стари работи или се затвора во својата школка затоа што се чувствува мала, туку заедница отворена за Божјата иднина, која свети со огнот на Духот.

Училишта за искреност

Папата Фрањо потоа повторно повика на братство – како што рече – меѓу нас кои се грижиме за сиромашните и за оние кои се ранети од животот, секој пат да сведочиме за правдата и вистината во човечките и општествените односи, велејќи „не“ на корупцијата и лагите. Христијанските заедници, особено богословиите, треба да бидат училишта на искреност; не ригидни и формални средини, туку центри за обука на вистината, отвореноста и споделувањето. Во нашите заедници – да се потсетиме – сите ние сме Господови ученици, сите сме важни, сите сме со еднакво достоинство.

Повеќе простор за верниците лаици

Во таа смисла, Светиот Отец поттикна да им се даде повеќе простор на верниците лаици. Ќе биде добро за вас, заедниците да не станат ригидни и клерикализирани. Синодална Црква, на патот кон иднината на Духот, е соученичка и соодговорна Црква. Црквата е способна да се сретне со светот, бидејќи се усовршува во заедништвото – истакна папата Фрањо и ги поттикна присутните да бидат мажи и жени на заедништво и мир, кои сеат добро каде и да се. Мажи и жени кои живеат и пренесуваат радост, отфрлајќи ги стравовите и поплаките, не дозволувајќи да бидат вкочанети од догматизам и морализам.

Примерот на блажениот Буковински

Папата го спомна и блажениот Буковински, свештеник кој целиот свој живот го посвети на грижата за болните, сиромашните и маргинализираните, а верноста кон Евангелието ја плати со затвор и принудна работа. Ми кажаа дека и пред неговото прогласување на неговиот гроб секогаш имало свежо цвеќе и запалени свеќи. Ова е потврда дека Божјиот народ знае да препознае каде има светост, каде пастирот е вљубен во Евангелието – рече Папата. Зато ги охрабри бискупите и свештениците, како и семинаристите, да не бидат управници на светите или жандарми кои се грижат за почитување на религиозните правила, туку пастири блиски до народот, живи слики на Христовото сочувствително срце.

На крајот ја изрази својата близина со нив и ги охрабри радосно да го живеат ова наследство и великодушно да сведочат за тоа, за оние што ќе ги сретнат да разберат дека има ветување за надеж упатено и до нив. Ветувајќи им дека ќе ги придружува во молитвата, Светиот Отец на посебен начин сѐ довери во срцето на Пресвета Марија, која на посебен начин тие ја почитуваат како Царица на мирот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот