Примајќи ги во аудиенција претседателите и референтите на советите за лаици на бискупските конференции, Папата им го покажа патот што треба да го поминат заедно во посланието за да стигнат до Божјиот народ: драмата на Црквата е тоа што Исус продолжува да чука на вратата, но од внатре, бидејќи не му дозволуваме да излезе
Бог ѝ го покажува на Црквата патот на единството, на заедничкото одење, ја повикува да ги надмине колосеците кои никогаш не се среќаваат – рече папата Фрањо, примајќи ги во аудиенција на 18 февруари 2023 година претседателите и референтите за лаици на бискупските конференции, учесници на конференцијата организирана од Дикастеријата за лаици, семејство и живот. Околу 200 присутни, Папата ги охрабри да ја обноват целосната еклисиологија, која го нагласува единството, а не раздвојувањето, во која лаикот не е „немонах“, туку крстеник и треба да се нарекува „ученик, брат“, како што сите се нарекувале во Новиот завет, лаици верници и ракоположени служители.
Папата Фрањо веднаш, на почетокот на својот говор, ги потсети присутните дека има уште долг пат за да може Црквата да живее како едно тело, како вистински народ, но Бог го покажува патот што треба да се следи, кој треба да е повеќе интензивен и конкретен живот во заедништво. Бог ја повикува Црквата да ги надмине паралелните колосеци кои никогаш не се среќаваат – рече Папата и објасни:
Свештенството одвоено од свештенството, посветените лица одвоени од свештенството и верниците, интелектуалната вера на некои елити одвоена од народната вера, Римската курија одвоена од одредени Цркви, епископите одвоени од свештениците, младите одвоени од постарите, сопружниците и семејства слабо вклучени во животот на заедницата, харизматичните движења одвоени од парохијата… Ова е најсериозното искушение во моментов.
Откако потсети на важноста на формацијата на лаиците, што е многу неопходно за живот со соодговорност, под услов да не е ограничено само на теоретски идеи, туку да биде и практично, Папата ги охрабри сите да ја обноват целосната црковност, како што беше во првите векови, во кои сè беше обединето во припадноста кон Христа, со што се надмина социолошката визија што ги разликува општествените класи и имоти и која на крајот се заснова на моќта доделена на секоја категорија.
Оваа соодговорност меѓу лаиците и пастирите ќе овозможи да се надминат противењата, стравовите и меѓусебните разлики. Време е – според Папата – пастирите и лаиците да чекорат заедно, во сите области на Црквата и во сите делови на светот. Затоа, тој поттикна поголемо вреднување на лиаците, со посебно внимание на жените.
Заедно со пастирите, тие треба да го донесат христијанското сведоштво во секуларните средини: во светот на работата, културата, политиката, уметноста и социјалната комуникација.
На крајот Папата ги предупреди присутните да не запаѓаат во клерикализам, бидејќи клерикализираните лаици се чума во Црквата – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк