Најавени апостолските патувања на папата Лав XIV во 2026 година

Најавени апостолските патувања на папата Лав XIV во 2026 година

Канцеларијата за печат на Светиот Престол во среда, 25 февруари 2026 година ги најави претстојните апостолски патувања на папата Лав XIV: еднодневна посета на Кнежевството Монако кон крајот на март, десетдневно патување во Африка во април и шестдневна посета на Шпанија, вклучително и Канарските Острови, во јуни.

По значајното патување во Турција и Либан кон крајот на 2025 година, како и по најавените пасторални посети во Италија што ќе го водат и до Лампедуза, папата Лав продолжува со своите апостолски посети во различни делови од светот.

Африка

Најдолгото патување, од 13 до 23 април, ќе има неколку етапи. Најпрво Папата ќе биде во Алжир, каде што ќе ги посети Алжир и Анаба, следејќи ги стапките на Свети Августин. Потоа ќе отпатува во Камерун, со посети во Јаунде, Баменда и Дуала. Следува Ангола, каде што ќе ги посети Луанда, Муксима и Сауримо. Последната етапа ќе биде Екваторска Гвинеја, со посети на Малабо, Монгомо и Бата.

Ова е сложено патување кое има поврзаност со светителот од Ипон, чиј лик е важен и за Петровиот наследник. Истовремено, Папата ќе посети и земји во развој, со посебно внимание кон најмалите, сиромашните и оние што се грижат за нив.

Посетата ќе има и изразен акцент на мирот. Папата Лав ќе го посети и англофонскиот регион во Камерун, каде што веќе десет години трае граѓански судир во кој учествуваат редовните вооружени сили и сепаратистички групи.

Завршната етапа во Екваторска Гвинеја е и симболично важна, бидејќи тоа е единствената африканска земја во која шпанскиот е службен јазик.

Должината на оваа Папска посета наликува на патувањето на папата Свети Иван Павле II во 1985 година, кога тој посети седум земји за 11 дена.

Кнежевството Монако

Апостолските патувања на Светиот Отец во првата половина од 2026 година ќе започнат со еднодневна посета на Кнежевството Монако, закажана за 28 март, во пресрет на Страсната седмица.

Папата сака позитивно да одговори на повторените покани на монашките власти, најнапред упатени до папата Фрањо, а потоа и до него.

Кнежевството е европска држава во која католицизмот е државна религија, а односот и дијалогот меѓу граѓанските институции и Црквата остануваат важна тема во јавниот живот. Воедно, се истакнува и посветеноста на кнежевството за мирот, а Папата ќе биде примен за прв пат во модерната ера.

Шпанија

Од 6 до 12 јуни папата Лав XIV ќе ја посети Шпанија. Најпрво ќе престојува во Мадрид, а потоа во Барселона, каде што ќе ја отвори најновата и највисока кула на Саграда Фамилија, монументалната базилика која го преобликува ликот на каталонскиот главен град.

Посетата се совпаѓа со стогодишнината од смртта на Антони Гауди, прочуениот архитект кој ја замислил и започнал изградбата на базиликата, и кој минатата година беше прогласен за чесен Божји слуга.

Потоа Светиот Отец ќе отпатува од Барселона на Канарските Острови, за да ја оствари посетата која била во срцето и на покојниот папа Фрањо, како што во јануари истакна надбискупот на Мадрид, кардинал Хозе Кобо Кано. На Канарските Острови Папата ќе ги посети Тенерифе и Гран Канарија.

Разновидни и важни дестинации

Со овие три апостолски патувања, папата Лав XIV ќе се сретне со различни земји и околности. Ќе отпатува во Алжир, муслиманска земја во која христијаните се мало малцинство и живо сведоштво на братството, а потоа и во земји со христијанско мнозинство во срцето на Африка, со нивните предизвици и радосно сведоштво за верата.

Ќе оствари и кратка посета на втората најмала држава во светот по Ватикан, сместена на Француската ривиера, а потоа и на големата европска земја Шпанија, чиј идентитет е обликуван од христијанската вера, но е силно обележан и од процесите на секуларизација.

Патувањето ќе заврши на Канарските Острови, една од главните миграциски рути од Африка кон Европа, со десетици илјади пристигнувања секоја година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот