Папата Лав XIV ја претстави својата енциклика: Разоружете ја вештачката интелигенција; „не“ на логиката на исклучување и доминација

Папата Лав XIV ја претстави својата енциклика: Разоружете ја вештачката интелигенција; „не“ на логиката на исклучување и доминација

Папата го објасни значењето и потеклото на документот Magnifica humanitas, енциклика за заштита на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција, во која апелира вештачката интелигенција да се ослободи „од логиката што ја претвора во средство за доминација, исклучување или смрт“, а технологиите да се „разоружаат“ за да бидат ставени во служба на општото добро. На презентацијата зборуваа и кардиналите Паролин, Фернандез и Черни, како и експерти од областа на новите технологии.

Заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција е темата на првата енциклика на папата Лав XIV, Magnifica humanitas, претставена во понеделник, 25 мај 2026 година, во Синодската сала во Ватикан.

Во своето обраќање, Светиот Отец нагласи дека вештачката интелигенција веќе влијае врз многу области од нашиот живот и врз одлуките што го обликуваат човечкото соживување. Таа, исто така, драматично го менува начинот на кој се водат војните.

„Magnifica humanitas се роди од слушање, како што слушаше и Лав XIII. Ги слушав научниците и инженерите што со вистински ентузијазам работат на технологии способни да ублажат огромно човечко страдање; политичките лидери и јавните службеници што постојано бараат праведни правила; родителите и наставниците што се длабоко загрижени за иднината на помладите генерации. Слушнав и други, многу загрижувачки гласови, за сè поавтономни системи на оружје што практично се надвор од ефективна човечка контрола. Слушнав многу вознемирувачки сведоштва за алгоритми што можат да го оневозможат пристапот до здравствена заштита, вработување и безбедност врз основа на податоци извалкани со предрасуди и неправда. И го слушнав молчењето на оние што немаат глас кога се донесуваат одлуки, одлуки што би можеле да создадат нови облици на исклучување и страдање.“

Од тоа слушање, рече Папата, созреа длабоко вознемирувачко убедување, изразено во Magnifica humanitas: дека вештачката интелигенција треба да се разоружа.

„Тој збор е силен, знам, но беше намерно избран, бидејќи овој момент бара зборови што можат да привлечат внимание, да ја разбудат совеста и да покажат патишта напред за човештвото“, рече Папата.

Тој нагласи дека не треба да се плашиме од вештачката интелигенција, туку да го зачуваме отворено прашањето за човекот. Не смееме, рече тој, да бидеме невнимателни со нашите најмоќни технички средства. Вистинскиот развој, потсети Папата, според зборовите на свети Павле VI, секогаш се однесува на „секој човек и на целиот човек“.

„Секој човек“ значи дека ниедна личност не смее да биде оставена на работ на дигиталната преобразба. „Целиот човек“ значи дека никој не смее да биде сведен на продуктивност, когнитивна ефикасност или само на податоци. Човекот во себе носи слобода, внатрешност и повик кон љубов и обожување, што ниедна машина не може да ги замени или блокира.

Само со таква целосна визија, рече Светиот Отец, вештачката интелигенција може да биде насочена кон општото добро. Само заедно, оние што создаваат системи и оние врз кои тие влијаат, побогатите и посиромашните земји, институциите и поединците, центрите на моќ и перифериите, ќе можеме да изградиме иднина не за привилегирано малцинство, туку за целото човечко семејство.

„Ова е цивилизацијата на љубовта за која зборуваше свети Павле VI и која свети Иван Павле II толку силно ја прогласи како хоризонт кон кој треба заедно да се стремиме. Тоа не е наивен сон. Тоа е насока. Тоа е патот што Исус Христос го отвора во историјата“, рече Папата.

Затоа, додаде тој, Црквата сака да учествува, понизно и отворено, во разговорот за вештачката интелигенција. „Ние немаме технички одговори, ниту сакаме да ги замениме оние што ја имаат експертизата“, рече Папата.

Црквата ја носи мудроста за човекот што очајно му е потребна на нашето време: секоја личност е единствена и незаменлива, слободна и разумна личност со совест, способна да Го бара Бога, да им служи на другите и да се грижи за нашиот заеднички дом, потсети Папата.

„Затоа ги поканувам сите членови на Црквата и целото човечко семејство: да научиме да се слушаме едни со други, храбро да се соочиме со предизвиците на сегашноста и да соработуваме во градењето похумано и побратско општество. Од оваа презентација понесете ја со себе посветеноста да останете будни и, како ‘градители на надежта’, да продолжите да градите на градилиштето на нашето време. Нека Духот на воскреснатиот Господ Исус го поткрепи нашето заедничко дејствување.“

Светиот Отец потоа ги довери присутните на Богородица.

„Секого од вас ѝ го доверувам на нашата Мајка Марија. Нејзиниот Magnificat го воспева величието на Бога, Кој ги возвишува смирените. Нека Господ го направи плодно големото дело што денес ѝ го доверуваме на Неговата благодат, дозволувајќи цивилизацијата на љубовта да созрее во историјата“, заклучи Светиот Отец.

На презентацијата присуствуваше и државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, кој истакна:

„Енцикликата нè поканува да гледаме на технологијата со доверба и разумност. Оваа будност произлегува од свеста за големината на човекот, за таа magnifica humanitas што му го дава насловот на документот и на која е повикан да ѝ служи секој вистински напредок. Задачата што стои пред нас го надминува чисто нормативното и регулаторното ниво, иако и тоа е неопходно. Таа е и образовна, духовна и културна задача: да се формираат совести способни да живеат во ерата на вештачката интелигенција без да ја изгубат својата слобода; да користат моќни средства без да бидат потчинети од нив; да останат луѓе во средина што сè повеќе се обликува од автоматизирани логики.“

Префектот на Дикастеријата за наука на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез, додаде:

„Различни облици на постхуманизам веруваат дека ова се случува затоа што човештвото го достигнало својот рок на траење, дека едноставно треба да биде заменето и дека е потребен еволутивен скок кон нов облик на живот, ново ниво во еволуцијата на видот. Тоа е скок што секогаш зависи од технологијата. Ние, верниците, сме сигурни дека сето ова нема да ја исполни празнината, нема да го исполни бесконечниот простор на нашите срца и нема да му даде стабилно и цврсто значење на нашиот човечки живот. Зад оваа идеја за напредок се крие лажен мистицизам, кој е токму спротивен на она што христијаните и другите верници го нарекуваат нов живот: теолошки живот, живот што навистина е на друго ниво, живот што навистина нè води надвор од нас самите, кон вистинска трансценденција.“

Заедно со кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за унапредување на интегралниот човечки развој, теологот од Универзитетот во Дарем, Ана Роландс, и Леокади Лушомбо, професор по католичка социјална мисла на Универзитетот во Калифорнија, Санта Клара, свои размислувања сподели и Кристофер Олах, раководител на истражувањето за толкување на вештачката интелигенција и соосновач на „Антропик“.

„Во нашите разговори со религиозните и културните лидери во ‘Антропик’ откривме заедничко и длабоко вкоренето уверување: ако оваа технологија доаѓа, таа треба да служи за доброто на нашиот заеднички дом и на децата што доаѓаат по нас. Некои можеби веруваат дека прашањата за вештачката интелигенција треба првенствено да ги решаваат компјутерски научници како мене. Тие грешат. Прашањата што ги поставува вештачката интелигенција се поголеми од самата истражувачка заедница за вештачка интелигенција, не само по своите последици, туку и по самата своја природа“, рече Олах.

Преводот на новата енциклика на Папата, засега на осум главни светски јазици, е објавен на веб-страницата на Светиот Престол.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот