Папата Лав XIV ја заврши својата посета на Лурд со процесија со свеќи во срцето на Богородичното светилиште, охрабрувајќи ги верниците да истраат на својот пат на верата, вдахновени од Безгрешното Зачнување.
Илјадници свеќи трепереа во темнината додека „Аве Марија“ одекнуваше под полната месечина. Глетката на десетици илјади ходочесници собрани околу Папата во молитва кон Пресвета Богородица остана еден од највпечатливите моменти од посетата на папата Лав XIV на Лурд.
За разлика од неговите претходници, свети Иван Павле II и Бенедикт XVI, папата Лав XIV не ја следеше процесијата од тераса со поглед кон променадата пред Базиликата на Бројаницата, туку ѝ се придружи како ходочесник меѓу ходочесниците.
Церемонијата започна пред Пештерата Масабиел, токму на местото каде што Папата го започна своето ходочестие во Лурд претходниот ден.
Потоа процесијата тргна низ променадата, предводена од осветлена статуа на крунисаната Богородица. За време на процесијата се размислуваше за Радосните таинства на светата Бројаница, а „Радувај се, Маријо“ се молеше на француски, италијански, англиски и шпански јазик.
Папата полека се упати кон просторот пред Базиликата на Бројаницата, каде што го одржа своето обраќање, потсетувајќи дека самата Пресвета Богородица ја повикала света Бернадета да доаѓа на тоа место во процесија.
Ходочесник меѓу ходочесниците
„Колку е трогателно да се гледа верниот народ, од поколение на поколение, како со љубов и доверба одговара на нежната покана на Дева Марија“, рече Папата.
„Колку е утешно да се слушаат христијаните како пеат химни исполнети со жар и вера и како, со светлина во рацете, одат кон својата Мајка на небото, Мајката што Исус ни ја даде од Крстот.“
Светиот Отец изрази благодарност што и самиот може да биде „ ходочесник меѓу ходочесниците“, како што гласи и мотото на оваа етапа од неговото апостолско патување.
Светлината што верниците ја носат, продолжи Папата, „е светлината на надежта која никогаш не нè напушта, дури и додека чекориме низ овој живот, толку често обележан со искушенија, но веќе исполнет со радоста од сознанието дека сме Божји деца, сакани и спасени од Исус“.
Болните, додаде тој, се „привилегирани сведоци на ова преобразување на животот преку верата и преку љубовта кон Бога и ближниот“, надоврзувајќи се на својата утринска проповед и на средбата со болните и со оние што се грижат за нив.
И покрај животните искушенија, нагласи папата Лав XIV, Бог ни ја дарува надежта и „благодатта да го препознаеме присуството на воскреснатиот Христос меѓу нас“.
Тој ги охрабри верниците, а особено болните, цврсто да се држат до зборовите на свети Павле:
„Страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата што ќе се открие во нас.“
Да истраеме на нашиот пат
„Затоа сме повикани да истраеме на нашиот пат, одново и одново, сè додека ни се дарувани деновите од нашиот живот на овој свет, каде што Марија оди пред нас“, продолжи Папата.
Потсетувајќи дека во Лурд Пресвета Богородица ѝ се претставила на света Бернадета со зборовите „Јас сум Безгрешното Зачнување“, папата Лав XIV рече дека Марија „се открива овде во најдлабока понизност, благодарејќи Му на Бога за апсолутно единствената привилегија што ѝ била дарувана, а која за нас претставува зора на спасението“.
Ослободена од секоја дамка на гревот и како онаа „со која сè започнува одново“, Дева Марија е сигурна помош за верниците, објасни Светиот Отец.
„Затоа нејзината помош и застапништво не се нешто споредно за христијанинот кој сака да ја прифати благодатта на искупувањето стекната преку Христовата крв и да се бори против злото“, рече тој.
Да ѝ ги довериме нашите накани на Богородица
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање повикувајќи ги ходочесниците и болните со доверба да Му се предадат на Бога преку Пресвета Богородица.
„Драги браќа и сестри, ходочесници и болни, кои дојдовте од Франција и од целиот свет за да учествувате во оваа светла и спокојна процесија, да ги понесеме нашите најдраги и најитни намери и да ѝ ги довериме на Богородица“, рече тој.
На крајот Папата се помоли светлината што верниците ја носеа во своите раце да продолжи да свети и во нивниот секојдневен живот.
„Нека оваа светлина што ја носиме вечерва никогаш да не згасне во нашите животи, туку да ја осветлува нашата иднина и уште од денес нека нè отвора за ветувањата на вечниот живот“, заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

