Папата Лав XIV: Теологијата служи за да ја придвижува напред мисијата на Црквата

Папата Лав XIV: Теологијата служи за да ја придвижува напред мисијата на Црквата

Папата Лав XIV им се обрати на италијанските теолози од Теолошкиот факултет во Пуља и Теолошкиот институт во Калабрија, нагласувајќи дека теологијата треба да работи за навестување на Евангелието, за продлабочување на таинството на верата и за отпор на искушението да се оди назад.

„Теологијата служи за навестувањето на Евангелието. Затоа таа е составен и темелен дел од мисијата на Црквата.“

Со овие зборови папата Лав XIV се обрати на претставниците на Теолошкиот факултет во Пуља и Теолошкиот институт во Калабрија, кои ги прими во Ватикан во понеделник наутро, 2 март 2026 година.

Осврнувајќи се на патот на формација што го нудат овие установи, Папата ги охрабри да одат напред, да се нурнуваат во длабочината и да ја градат теологијата заедно.

Потсетувајќи дека Пуља и Калабрија се крајбрежни области, папата Лав се наврати на зборовите што покојниот папа Фрањо во 2017 година им ги упати на авторите на списанието La Civiltà Cattolica: „Останете на отворено море. Католикот не треба да се плаши од отворено море, ниту да бара засолниште во сигурни пристаништа.“

Папата нагласи дека ваквиот став е многу потребен, особено во контекстите во кои денес верата треба да се навестува и да се вкоренува во културите. „Не станува збор за собирање поими за да се исполнат академски обврски“, рече тој, „туку за храбра пловидба, за премин по отворено море.“

Двојна насока

Овој пат, рече Папата, има две насоки.

„Од една страна“, рече тој, „тоа е пат на слегување во длабочините, на проникнување во бездните на таинството Божјо и во различните димензии на христијанската вера.“

„Од друга страна“, продолжи папата Лав, „тоа е излегување во длабокото, за да се оди подалеку, да се истражуваат други хоризонти и така да се најдат нови облици и нови јазици за навестување на Евангелието во различните историски ситуации.“

Папата рече дека сака да ја повтори „важната точка“: „Теологијата служи за навестувањето на Евангелието. Затоа таа е составен и темелен дел од мисијата на Црквата.“

Продлабочување на таинството на верата

Во овој контекст, тој потсети дека теолошката формација „не е судбина за мал број специјалисти“, туку „повик упатен до сите“, за секој да може да го продлабочи таинството на верата и да ги добие потребните средства со жар да го носи трајниот ангажман на културното и општественото посредување на Евангелието.

Од таа перспектива, Папата се осврна и на драгоцениот пат на единство што започнал во нивните региони, вклучително и преку обединување на установи и образовни методи што претходно дејствувале одделно.

Папата Лав истакна дека ова е „важна синергија“ и „вистински историски чекор“, кој поттикнува заедништво меѓу бискупиите, помага да се надминат старите локални ривалства и, пред сè, гради црковен пат обележан со единство и братство.

Да се оди напред, а не назад

По тој пат, рече Папата, можно е да се изгради заеднички хоризонт на мислење и приближување околу пасторалните предизвици и барањата на евангелизацијата.

Затоа ги повика теолозите „да теологизираат заедно“. Тој нагласи дека формација која му служи на навестувањето на Евангелието е можно да се живее само заедно, пловејќи „на отворено море“, а не како осамени пловители.

Овој напор, рече Папата, бара „да се напушти сигурното пристаниште и да се излезе надвор од сопствените територијални и црковни граници“, преку средба и размена, меѓусебно слушање и дијалог, во она заедништво меѓу Црквите што ги поврзува ресурсите, компетенциите и харизмите.

Теологизирајќи  заедно, истакна тој, се прошируваат и се преплетуваат интелектуалните, духовните и пасторалните хоризонти. Така се раѓаат заеднички перспективи и поовоплотен црковен ангажман во конкретната средина, со можност да се обноват стиловите и јазиците на верата во реалниот контекст во кој живеат.

Теологијата како „лабораторија“ за синодален стил

Папата додаде дека, теологизирајќи заедно, ќе откријат дека се „лабораторија“ која ги подготвува идните презвитери и пасторални соработници да живеат црковни односи во синодален стил. Во таков стил, различните црковни субјекти, служби и харизми се надополнуваат, се надминува секоја затвореност и се станува поспособен да се примат прашањата и предизвиците на општествениот и културниот контекст.

Папата призна дека богатата историја и религиозност на регионот, за жал, не ги отстрануваат бројните општествени проблеми. Тој посочи дека кризата со вработувањето, иселувањето и сите облици на угнетување, ропство и неправда повикуваат на нова свест и на смел ангажман од сите.

Да не се потклекне на искушението да се оди назад

На крајот, Светиот Отец нагласи дека теолошката формација придонесува за создавање критичка и пророчка мисла. Таа е културна инвестиција за иднината, способна да ја разоружа логиката на помирување со состојбата и рамнодушност.

„Ве охрабрувам да го продолжите овој проект со ентузијазам, со решителност и без да дозволите да ве заведе искушението да се враќате назад.“

Папата Лав заврши повикувајќи ги присутните да сонуваат за академска заедница во која заедно се формираат кандидатите за ракоположена служба, посветените мажи и жени, како и мирјаните. Така, христијанските заедници ќе стануваат знаци на Евангелието и „работилници на надежта“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот