Папата Лав XIV изрази жалење за загубата на човечки животи предизвикана од катастрофалните поплави во Непал. Тој ги увери погодените во својата духовна близина и се помоли за спасувачите кои трагаат по стотици исчезнати лица.
Папата Лав XIV изрази длабока жалост поради загубата на човечки животи и големите штети предизвикани од ненадејните поплави во Непал.
Во телеграма испратена во четврток, 27 август 2026 година, потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, Папата ги довери душите на починатите „на милоста на Семоќниот“ и им упати искрено сочувство на ожалостените семејства.
Светиот Отец, исто така, ги увери сите погодени од катастрофата во својата духовна близина и се помоли за службите за итна помош, кои се вклучени во тековните операции за пребарување и спасување.
Телеграмата завршува со молитва за Божја помош и заштита врз народот на Непал.
Стотици загинати и исчезнати
Најмалку 165 лица загинаа во Непал, а повеќе од 800 се водат како исчезнати, откако катастрофален порој од вода, кал и остатоци ги зафати населбите во близина на северната граница на земјата со Кина.
Стотици други лица се водат како исчезнати и во соседен Тибет, со што вкупниот број на исчезнати во погодениот регион се искачи на речиси 1.500.
Се претпоставува дека катастрофата била предизвикана од уривање на дел од хималајски глечер, што довело до ненадејно зголемување на нивото на водата во речниот систем долж границата меѓу Непал и Кина. Според научниците, силата на уривањето била толку голема што потресите првично биле погрешно протолкувани како земјотрес.
Цели населби беа поплавени, а патишта, мостови, електрична инфраструктура и други основни објекти беа уништени или сериозно оштетени. Поплавите зафатија и важен граничен премин, прекинувајќи транспортни и трговски рути.
Меѓу исчезнатите има и странски посетители кои патувале во регионот на ходочесници на планината Каилаш и езерото Мансаровар, места што се сметаат за свети за хиндусите, будистите, џаините и следбениците на религијата Бон.
Спасувачките операции продолжуваат
Илјадници војници, полицајци и спасувачи се распоредени во погодените области. Хеликоптери се користат за пристап до изолираните заедници, евакуација на преживеаните и доставување храна, медицински материјали и друга итна помош.
Операциите се отежнати поради оштетените патишта, тешкиот планински терен и постојаната опасност од свлечишта и нови поплави.
Меѓународната помош веќе почна да пристигнува, а соседните земји, Обединетите нации и хуманитарните организации понудија персонал, материјали и финансиска поддршка.
Трагедијата повторно ја отвори загриженоста за растечката закана од нестабилноста на хималајските глечери, каде што зголемувањето на температурите го забрзува нивното топење.
Ватикан њуз/к.мк

