На крајот од Генералната аудиенција во среда 19 ноември 2025 година, Папата го најави второто издание на меѓународниот настан посветен на најмалите. Првото издание се одржа во Рим во мај 2024 година со папата Фрањо. Кардинал Фарел: На децата треба да им се покаже убавината на мирот што се живее во нивните семејства, во средините во кои се движат и во целиот свет
Папата Лав XIV на Генералната аудиенција објави дека второто издание на Светскиот ден на детето ќе се одржи во Рим од 25 до 27 септември 2026 година. Настанот, организиран од Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, ќе биде исполнет со средби, молитва и славења, и ќе ги собере децата и нивните семејства од целиот свет. На крајот од аудиенцијата, седумгодишното момче од Газа, Маџд Бернард, и фрањевецот Енцо Фортунато му го подарија и му го покажаа на Папата знамето со официјалното лого на следното издание на Светскиот ден на детето, кое потоа тој го потпиша и благослови.
Убавината на мирот
На следниот Светски ден на децата, Црквата сака повторно да посвети посебно внимание на светот на детството и природната средина во која живеат и растат децата, а тоа е семејството – нагласи префектот на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, кардиналот Кевин Фарел. Тој додаде дека на децата треба да им се покаже убавината на мирот, мир што се доживува пред сè во нивните семејства, во средините во кои се движат и во целиот свет. Децата добро ја разбираат вредноста на мирот и многу страдаат кога чувствуваат тензии и конфликти околу себе, почнувајќи од своите родители или нивната непосредна околина. Затоа се надеваме дека следниот Светски ден на децата ќе биде прекрасна можност Црквата да покаже близина со децата и нивните семејства, давајќи им надеж и радост – рече кардиналот Фарел.
Им се заблагодарувам на Светиот Отец и на кардиналот Кевин Фарел за вниманието и љубезноста што ја покажуваат кон овој настан толку важен за Црквата и општеството. Децата ќе живеат со своите семејства денови исполнети со слушање и споделување. Заедно со папата Лав, ќе кажеме дека подобра иднина е можна – нагласи отец Енцо Фортунато и додаде: Податоците на меѓународните организации јасно велат дека во светот има повеќе од две милијарди деца, а секој ден околу 13 илјади деца под петгодишна возраст ги губат животите од причини што можат да се спречат, додека милиони деца живеат во конфликтни подрачја каде што војната ја оневозможува иднината.
Лого
Што се однесува до логото, отпечатоците во неговиот центар потсетуваат на едноставните и автентични гестови од детството, знак на универзалност и чистота на децата. Различните бои ја претставуваат разновидноста на културите кои заедно формираат хармонија способна да ги прифати и цени различностите. Седумте отпечатоци потсетуваат на седумте континенти, додека куполата на базиликата „Свети Петар“, симбол на седиштето каде што се одржува настанот, заедно со крстот што потсетува на страдањето и воскресението Христово, претставува прегратка што ги пречекува и штити децата од целиот свет.
Прво издание
На првото издание на Светскиот ден на децата, одржан во 2024 година, присуствуваа приближно 100.000 деца од 101 земја. Со второто издание што ќе се одржи следната година, Црквата ја обновува својата посветеност да го слуша и вреднува гласот на најмалите протагонисти во светот што посакува мир, прифаќање и иднина.
Ватикан њуз/к.мк

