Во видеопорака со молитвена накана за месец октомври, Папата повикува на молитва за соработка меѓу различните верски традиции, особено во современото општество кое е погодено од напнатости. По повод 60-годишнината од соборниот документ „Nostra Aetate“, Светиот Отец потсетува дека братството се гради преку секојдневните односи меѓу луѓето.
Во свет изранет од длабоки поделби, луѓето не треба да ги користат религиите како оружје или ѕидови, туку да ги живеат како мостови и пророштва, за да се оствари сонот за општото добро и да станат квасец на единството во поделеното општество. Таа надеж ја изрази Папата Лав XIV во видеопораката со молитвената накана за октомври, посветена на соработката меѓу различните верски традиции. Видеопораката беше објавена во вторник, 30 септември, од Папската светска молитвена мрежа во соработка со агенцијата „La Machi“.
Во месецот октомври, кога се одбележува 60 години од документот Nostra Aetate за односите меѓу Црквата и нехристијанските религии, Светиот Отец повикува на молитва за верниците од различни верски традиции, заедно да работат на заштитата и унапредувањето на мирот, правдата и човечкото братство.
Историски моменти на меѓурелигиски дијалог
Видеопораката е проследена со снимки што потсетуваат на значајни моменти од животот на Црквата во поглед на меѓурелигискиот дијалог: средбата во Асизи 1986 година што ја иницираше свети Иван Павле II; посетата на папата Бенедикт XVI на римската синагога во 2010 година; потпишувањето на Документот за човечкото братство во Абу Даби во 2019 година за време на понтификатот на папата Фрањо; како и најновите екуменски средби со папата Лав XIV во Ватикан.
„Живееме во свет полн со убавина, но истовремено погоден од бројни поларизации и тензии, во кој понекогаш религиите, наместо да нè обединуваат, стануваат извор на судири,“ истакнува Папата, додавајќи дека Христос го дава Својот Дух за да ги очисти нашите срца, за да можеме да препознаеме што нè обединува и така повторно да научиме да слушаме и да соработуваме – без уништување.
Изградбата на братството започнува во секојдневието
Петровиот наследник во пораката исто така се моли Господ да им помогне на верниците од различни религии да се препознаат како браќа и сестри повикани да живеат, молат, работат и сонуваат заедно.
Неговите зборови се проследени со сцени од локални меѓурелигиски средби, потсетувајќи дека изградбата на дијалогот и братството започнува во секојдневниот живот, а не само на големите настани.
Во пораката се гледаат и моменти од меѓурелигиски собир во Сингапур, организиран од Каритас и локалната надбискупија по повод Денот на планетата Земја во април оваа година, како и настанот „One Human Family“ што го одржа Движењето Фоколари од мај до јуни 2024 година.
„Нека конкретните примери на мир, правда и братство во религиите нè вдахновуваат да веруваме дека е можно да се живее и работи заедно, и покрај разликите,“ поттикнува Светиот Отец на крајот од пораката.
Дијалог – тема блиска на Папите
Темата на меѓурелигискиот дијалог е мошне значајна и често присутна во папските молитвени накани – истакна меѓународниот директор на Папската светска молитвена мрежа, Исусовецот Кристобал Фонес.
Тој додаде дека октомвриската накана се вклопува во континуираниот пат на дијалог кој е многу близок на срцето на Папите. Отец Фонес нагласи дека средбите меѓу верските лидери нè исполнуваат со надеж, но и дека пораката на папата Лав XIV за овој месец сведочи дека соработката се гради и тогаш кога не стигнува до вестите – односно во секојдневниот живот.
„Да се познаваме и почитуваме едни со други, да учиме едни од други, да молиме заедно за човештвото, да го браниме и промовираме мирот таму каде што живееме – тоа се секојдневни начини што сите можеме да ги избереме за да станеме градители на мир и братство,“ вели Фонес.
Видеопораката на Папата за октомври ни покажува пат: препознавање на достоинството на секоја личност, одбрана на правдата и сеидба на мир.
Молитва од видеопораката
Папската светска молитвена мрежа потсетува дека молејќи за наканите на Светиот Отец можеме да ја добиеме милоста на јубилејниот опрост во оваа Света година. Еве го целосниот текст на молитвата:
Господи Исусе,
ти што си еден во различноста
и ја гледаш секоја личност со љубов,
помогни ни да се препознаваме како браќа и сестри,
повикани да живееме, да се молиме, да работиме и да сонуваме заедно.
Живееме во свет полн со убавина,
но изранет од длабоки поделби.
Понекогаш религиите, наместо да нè обединуваат,
стануваат извор на судир.
Дарувај ни го Твојот Дух за да ги очисти нашите срца,
за да можеме да препознаеме што нè обединува,
и повторно да научиме да слушаме
и да соработуваме без уништување.
Нека конкретните примери на мир,
правда и братство во религиите
нè инспирираат да веруваме дека е можно да се живее
и работи заедно, и покрај нашите разлики.
Дај ни благодат религиите да не ги користиме како оружје или ѕидови,
туку да ги живееме како мостови и пророштва:
остварувајќи го сонот за општото добро,
придружувајќи го животот, чувајќи ја надежта
и станувајќи квасец на единството во поделен свет.
Амин.