Папата Лав XIV ја започна својата шестдневна посета на Перу со пристигнувањето во воздухопловната база Калао, каде што беше пречекан од претставници на државата и бројни верници.
Папата Лав XIV пристигна во Перу во средата, 11 ноември 2026 година, започнувајќи ја третата и последна етапа од своето апостолско патување во Јужна Америка, по посетите на Уругвај и Аргентина.
Папскиот авион слета во воздухопловната база Калао, каде што Папата го пречекаа претседателката Кеико Фуџимори и министерот за надворешни работи Карлос Еспа. Две деца му подарија букет цвеќе, а Папата им се заблагодари со прегратка.
Детскиот хор „Синфонија пор ел Перу“, составен од 27 деца, пееше додека различни групи го очекуваа Папата. Тој застана за да благослови лица со попреченост и неколку бебиња, а децата му подарија и мали подароци пред да продолжи со поздравувањето на официјалната делегација.
Од Калао до Лима
Од воздухопловната база Папата се упати кон Авенија Бразил, каде што требаше да се качи во папамобилот за да може да ги поздрави верниците собрани по улиците на патот кон Претседателската палата.
Таму беше предвидена официјалната церемонија на добредојде и средбата со претседателката Кеико Фуџимори.
Првиот ден на папата Лав во Перу завршува во Големиот национален театар во Лима, каде што тој ќе го одржи своето прво обраќање во земјата пред претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Од Лима до Чиклајо, Андите и Амазонија
Првата посета на папата Лав XIV на Перу по неговиот избор за Папа го враќа во земјата во која со години служеше како августински мисионер, а подоцна и како епископ на Чиклајо, од 2015 до 2023 година.
Во петок тој повторно ќе го посети Чиклајо, каде што ќе служи света Литургија на Пампас де Пиментел.
Во четврток Папата ќе се сретне со епископите на Перу, а потоа ќе ја предводи молитвата од Часословот во катедралната базилика „Свети Иван Апостол и Евангелист“ во Лима. Потоа ќе учествува на средба посветена на предизвиците и надежите за иднината на перуанскиот народ, која ќе се одржи на плоштадот пред катедралата.
Апостолското патување ќе го однесе и во Куско, каде што Папата ќе ја моли молитвата Ангел Господов во Саксајваман, како и во Пукалпа, каде што ќе се сретне со мисионери и претставници на домородните народи од Амазонија.
Папата Лав XIV потоа ќе се врати во Лима, каде што во понеделник, 16 ноември, ќе служи света Литургија во воздухопловната база Лас Палмас, пред вечерното заминување за Рим.
Ватикан њуз/к.мк

