Папата Лав XIV. пред молитвата Царице небесна: Христос, Добриот Пастир, ја води Црквата преку својот Свети Дух

На четвртата воскресна недела, 11 мај 2025 година, папата Лав XIV. во 12 часот, ја молеше молитвата „Царице небесна“ со верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ од централната ложа на ватиканската базилика „Свети Петар“. Ви го пренесуваме во целост првото обраќање на новиот Папа до верниците пред молитвата Царице небесна.
Драги браќа и сестри, благословена недела!
Го сметам за дар од Бога што првата недела од мојата служба како Римски епископ е токму Неделата на Добриот Пастир, четвртата воскресна недела. Имено, во оваа недела секогаш се навестува Евангелието според Иван од десеттата глава, во кое Исус се открива како вистински Пастир – оној кој ги познава и ги сака своите овци и го положува за нив својот живот.
На оваа недела, веќе шеесет и две години, се слави Светскиот ден на молитва за звања. Покрај тоа, денес Рим е домаќин на јубилејот на музичките оркестри и фолклорните забавни групи. Срдечно ги поздравувам сите овие ходочесници и им се заблагодарувам затоа што со својата музика и изведби придонесуваат за славењето – славењето на Христос, Добриот Пастир. Да, Тој е оној кој ја води Црквата преку Својот Свети Дух.
Исус во Евангелието вели дека ги познава своите овци, дека тие го слушаат неговиот глас и го следат (сп. Иван 10,27). Навистина, како што нè учи светиот папа Григориј Велики, луѓето возвраќаат на љубовта на оние што ги сакаат (Беседа 14:3-6).
Затоа, денес, драги браќа и сестри, ја имам радоста да се молам заедно со вас и со целиот Божји народ за звања, посебно за свештенички и монашки. На црквата многу ѝ се потребни! Важно е младите, девојките и момчињата, да најдат отвореност, слушање и охрабрување во нашите заедници на нивниот пат за расудување на звањето, но и да можат да сметаат на веродостојни примери на великодушна посветеност кон Бога и кон своите браќа и сестри.
Да го прифатиме повикот кој ни го упати папата Фрањо во неговата порака за денешниот ден: повикот да ги прифатиме и да ги придружуваме младите. И да го молиме небесниот Отец да бидеме еден за друг, секој според својот повик, пастири според неговото срце (сп. Јеремија 3,15), способни да си помагаат еден на друг на патот на љубовта и вистината.
На младите им велам: Не плашете се! Одговорете на повикот на Црквата и на Христос Господ.
Дева Марија, чиј живот беше потполно беше одговор на Божјиот повик, секогаш нека нè придружува во нашето наследување на Исус Христос.
Ватикан њуз/к.мк