Папата Лав XIV повика на молитва за мир во Украина

Папата Лав XIV повика на молитва за мир во Украина

Во писмо до надбискупот Пол Ричард Галагер, негов посебен пратеник на прославата по повод 35-годишнината од обновата на црковните структури од латински обред во Украина, папата Лав XIV потсетува на прогонството на Црквата во дваесеттиот век и повикува на молитва за мир, за семејствата и за сите што страдаат поради војната.

Папата Лав XIV повика на молитва за сите верници, живи и починати, кои страдаат или страдале поради бруталноста на војната во Украина. Тој ги повика верниците да молат за мир во светот и во семејствата.

Ова се централните теми на писмото што Папата му го упати на надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации, кого го назначи за свој посебен пратеник на прославата по повод 35-годишнината од обновата на структурите на Црквата од латински обред во Украина.

Прославата ќе се одржат на 19 јули 2026 година во Националното светилиште на Пресвета Богородица од Гора Кармил во Бердичив. Назначувањето беше објавено во L’Osservatore Romano на 20 јуни 2026 година.

Во папската мисија ќе учествуваат и монсињор Анджеј Легович, личен секретар на лавовскиот надбискуп, и отец Павло Хомијак, канцелар на Луцката епархија.

Повикување на писмото на папата Григориј IX

Во писмото, напишано на латински јазик, папата Лав XIV се потсетува на зборовите од писмото што папата Григориј IX го испратил во 1234 година до свештенството и верниците од латински обред што живееле на територијата на денешна Украина.

Во тоа писмо, Григориј IX пишува дека Црквата покажува посебна добронамерност кон своите „посветени и понизни чеда“ и дека, за да не бидат изложени на нападите на злите луѓе, ги штити со својата мајчинска грижа.

Исполнети со ревност за верата и побожноста, продолжува писмото, тие „издигнале бедем во одбрана на ширењето на почитувањето на божественото Име“ и поради тоа често трпеле малтретирања, повреди и грабежи од прогонителите на христијанската вера, кои постојано им поставувале стапици.

Суровото прогонство во дваесеттиот век

Во вековите што следеле, пишува папата Лав XIV, католичкото свештенство и верниците што живееле на тие простори дале големо сведоштво за верата, и покрај многуте историски искушенија.

Особено тешко било во дваесеттиот век, кога по Втората светска војна Украина била подложена на режим инспириран од советската идеологија.

Во тој период, Католичката црква во тој регион била изложена на сурово прогонство, организирано и спроведувано од граѓанските власти, со цел таа целосно да биде искоренета од народот.

Папата забележува дека црковната заедница во Украина подоцна повторно пронашла нов живот и обновен раст. Денес таа ја одбележува 35-годишнината од обновувањето на своите институции, заедно со 25-годишнината од апостолското патување на свети Иван Павле II во Украина.

Молитва за мир

Со назначувањето на надбискупот Галагер за свој посебен пратеник, папата Лав XIV му ја доверува задачата да претседава со литургиските прослави во Националното светилиште во Бердичив.

Папата го повикува да се моли за сите украински верници, живи и починати, кои многу страдаат или страдале поради бруталноста на војната.

Светиот Отец, исто така, го замолува надбискупот Галагер да ги охрабри сите што ќе учествуваат во прославата да молат за мир во светот и во семејствата, и да останат непоколебливи во верноста на Божјите заповеди.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот