За време на посебниот „Ручек со Папата“ во Borgo Laudato si’, во папските градини во Кастел Гандолфо, со околу 200 сиромашни и социјално ранливи лица, папата Лав XIV рече дека дошол со „глад за правда“ и „глад за вистинско милосрдие“. Тој ги повика присутните заедно да градат Црква на правда, мир и љубов.
„Дојдов без подготвен говор, но дојдов со глад. Глад за правда, глад за вистинско милосрдие, глад за Црква што навистина знае да ги отвори своите врати, да пречекува и да прима секого. Црква во која има љубов за сите и никој не е непријател, каде што сите знаеме да живееме со помирување, простување и мир.“
Со овие зборови папата Лав XIV ги поздрави присутните на посебниот „Ручек со Папата“ во Borgo Laudato si’, во папските градини во Кастел Гандолфо.
На настанот присуствуваа 200 лица, меѓу кои речиси 40 деца, кои живеат во ранливи животни околности и се придружувани од Римската епархија и поврзани со католички добротворни организации. Гостите го поминаа денот опкружени со убавината и духовноста на иницијативата Borgo Laudato si’.
Програмата започна со света Литургија која ја служеше кардинал Фабио Баџо, генерален директор на Центарот за високо образование Laudato si’, во сослужение со надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, папски милостинар и префект на Дикастеријата за служба на милосрдието. Гостите имаа можност и за организирана посета низ Borgo Laudato si’.
Божјата љубов е за сите луѓе
Поздравувајќи ги присутните, Светиот Отец им се заблагодари што дошле и повторно ја истакна желбата на Црквата да ја изрази Божјата љубов кон секој човек.
„Како што добро знаете, една од титулите на Папата е понтифекс, градител на мостови. И денес и ние сакаме да изградиме мост со сите вас, со вашите семејства и со општеството во кое сакаме да живееме. Општество обележано со правда, во кое причините за сиромаштијата ќе можат да бидат отстранети и во кое ќе можат да бидат надминати причините за неправдите што сè уште постојат во нашиот свет“, рече Папата.
„Тоа е Црквата што сакаме да бидеме“, додаде тој.
Исус е присутен меѓу нас
Папата им се заблагодари и на сите што го подготвиле ручекот и оваа средба.
„Секогаш кога се собираме, секогаш кога го споделуваме овој дух на средба околу иста трпеза, трпеза на која и Исус е присутен меѓу нас, ние навистина градиме поинаков свет, свет на надеж, свет што е светлина среде нашиот свет“, рече папата Лав.
Нашиот повик во ранет свет
Забележувајќи дека нашиот свет премногу често е ранет од насилство, омраза и дискриминација, папата Лав ги охрабри сите да градат заедништво и да живеат во солидарност и меѓусебна грижа.
„Да работиме заедно и секогаш да се трудиме да бидеме таква Црква, Црква на правда, мир и љубов“, повика тој.
Пред да ги покани сите да го споделат оброкот, Светиот Отец изговори молитва на благослов за присутните, за нивните семејства и за сите што страдаат.
„Нека слезе Твојот благослов врз нас, Господи, врз секого од нас и врз оваа храна што ќе ја споделиме, благодарение на великодушноста на многу добротвори. Благослови ги нашите семејства. Благослови ги сите што се во тешкотии или страдање“, се помоли Папата.
„И тие нека најдат мир, простување и помирување. Благослови нè, Господи, и овие дарови што ги примаме од Твојата промисла. Преку Христос, нашиот Господ. Амин“, заврши папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

