Папата Лав XIV на последниот ден од посетата на Перу: „Одете и проповедајте го вистинскиот Бог“
Папата Лав XIV во понеделник, 16 ноември 2026 година, го заврши своето апостолско патување во Перу, а со тоа и дванаесетдневната посета на Латинска Америка, која ги опфати Уругвај, Аргентина и Перу. Последниот ден од престојот беше посветен на мисионерскиот повик на Црквата, грижата за старите и напуштените лица и благодарноста за верата и гостопримството што Папата ги доживеа во земјата во која долги години служеше како мисионер и епископ.
Во понеделник, утрото Светиот Отец ги поздрави верниците собрани пред Апостолската нунцијатура во Лима. Заблагодарувајќи им се за присуството и топлото добредојде во текот на посетата, тој потсети дека секој христијанин е повикан да ја навестува Радосната вест.
„Сите сме повикани да ја навестуваме Радосната вест. Сите сме повикани да објавуваме дека Исус Христос дојде и нè спаси“, порача Папата.
Тој ги охрабри верниците да останат исполнети со вера и надеж и Божјата љубов да ја претвораат во знак на близина, особено кон најмалите и најранливите.
Еден од најзначајните моменти на последниот ден беше посетата на домот за стари лица што го водат Малите сестри на напуштените стари лица. Папата им се заблагодари на сестрите за нивната служба и потсети на примерот на нивната основателка, Света Тереза од Исус Жорне и Ибарс.
Светиот Отец предупреди дека современото општество лесно може да стане рамнодушно кон луѓето чии тела и души се запоставени. Тој повика Перу да има „повеќе оази на братство“ и „помалку пустини на индивидуализам“, нагласувајќи ја потребата од конкретна грижа за старите, сиромашните, напуштените и маргинализираните.
Папата го посочи и Свети Мартин де Порес како пример на човек кој преку едноставни и скромни дела се грижел за телесните и духовните потреби на ближните. Тој ги повика Перуанците да продолжат по патот на светоста и солидарноста и да ја претвораат културата на материјализмот и потрошувачката во можност на великодушност и служење.
„Да ги сакаме другите како што Бог нè љуби нас“, порача папата Лав, повикувајќи на особена заштита на децата, младите, старите лица и сите што се наоѓаат во состојба на слабост.
Завршниот јавен настан од патувањето беше Светата Литургија во воздухопловната база Лас Палмас во Лима. Во проповедта Папата зборуваше за суштината на мисијата на Црквата и ги повика верниците да го продолжат делото на Христос преку сведоштво и навестување на Евангелието.
„Одете и навестувајте го вистинскиот Бог“, беше една од централните пораки на Светиот Отец.
Папата нагласи дека силата на Црквата произлегува од Христос и има поинаква логика од моќта на светот. Нејзината мисија се исполнува преку служење, сведоштво, љубов и верност кон Евангелието. Тој ги охрабри верниците никој да не остане без можност да ја запознае Радосната вест за Исус Христос.
На крајот од Литургијата папата Лав XIV упати благодарност до перуанскиот народ за деновите поминати заедно.
„Нема зборови со кои можам да ја изразам мојата голема благодарност до Господ за изобилните дарови и благодати што ги излеа врз нас во овие денови“, рече Папата.
Тој им се заблагодари на државните и црковните власти, организаторите, волонтерите, заедниците и сите што учествуваа во подготовката на посетата. Истакна дека дошол во Перу за да го навестува Христос, а си заминува носејќи го сведоштвото на верата и побожноста на народот што со години го познава и сака.
Папата Лав XIV потоа замина од Перу кон Рим, со што заврши неговото шесто меѓународно апостолско патување. Посетата на Перу имаше особено лично значење за Светиот Отец, кој повеќе години живееше и служеше во земјата како августински мисионер, а подоцна и како епископ на Чиклајо.
к.мк

