Хуманитарната помош од Папата Лав XIV, испратена преку Дикастеријата за служба на милосрдието, беше доставена до жителите на украинските места Стари Салтив и Шевченкове, кои беа погодени од бомбардирања. Светиот Отец, исто така, побара испраќање конкретна поддршка за настраданите од тајфунот „Данас“ во Тајван.
Иако летото е време за одмор, тоа не важи за милосрдната мисија на Папата.
Имено, и за време на својот летен престој во Кастел Гандолфо, Папата Лав XIV продолжува со дела на солидарност, кои ги упатува кон народи чии животи и надежи, како што рече неодамна при една света Литургија во парохијата Свети Тома од Виланова, „се уништени од војната“.
Преку Дикастеријата за служба на милосрдието – позната и како Канцеларија за милосрдие – Светиот Отец испрати хуманитарни пакети со прехранбени производи до жителите на одредени делови од Харкив, Украина, кои се разурнати од жестоки ракетни и беспилотни напади.
Камионите тргнуваат од базиликата Света Софија во Рим
„Светиот Отец нè замоли тоа да го сториме што е можно побргу“, изјави кардинал Конрад Крајевски, папскиот делител на помошта, за „Ватикан њуз“, опишувајќи го разговорот што го имал со Папата околу итната помош.
„Милосрдието никогаш не оди на одмор!“, нагласи кардиналот.
Во изминатите денови, камиони натоварени со конзервирана храна, масло, тестенини, месо, риба и туна тргнаа од базиликата Света Софија во Рим, која од 2022 година претставува симболичен центар на солидарност на градот со страдалниот украински народ.
Помошта на Папата Лав XIV стигна до украинските семејства
Хуманитарната помош, покрај храна, вклучуваше и основни средства за секојдневна употреба. Пратките беа наменети за селото Стари Салтив и градот Шевченкове во регионот на Харкив.
Храната беше обезбедена од страна на Светиот воен Константинов ред на Свети Ѓорѓи – црковна организација која промовира духовни, културни и хуманитарни иницијативи, во согласност со христијанските вредности, во Италија и ширум светот.
Овој Ред, исто така, обезбеди неколку палети со неопходни материјали за оваа најнова мисија на милосрдието. Иницијативата следи по слична акција спроведена во јуни, кога беа испратени душеци, храна и детски играчки во Украина, повторно од базиликата Света Софија.
Сè е доставено директно до домовите на семејствата
Целата помош беше предадена директно во домовите на семејствата погодени од нападите, без посредство од други хуманитарни организации.
На белите пакувања стои натпис на украински и италијански: „Дар од папата Лав XIV за народот од Харкив“.
Фотографиите сведочат за трогнати лица – сведоштво дека папата Лав XIV, по примерот на својот претходник папата Фрањо, не го заборава страдањето на украинскиот народ.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, денес изјави пред новинарите дека „Светиот Отец бил информиран за последиците и жртвите од тајфунот ‘Данас’ во Тајван, дека се моли за настраданите и побарал од Канцеларијата за мислордие да обезбеди конкретна помош за погоденото население“.
Ватикан њуз/к.мк