Папата Лав XIV е во постојан дијалог со ватиканските раководители и луѓе од светот на политиката

Откако ја презеде службата, папата Лав XIV неуморно ги прима раководителите на Римската курија со цел да добие сеопфатна слика за ватиканската администрација. Во исто време, тој води важни разговори со меѓународни црковни достоинственици и шефови на држави, што укажува на интензивна фаза на запознавање и јасно поставување на приоритети.
Во понеделник, 26 мај 2025 година папата Лав XIV ги прими, меѓу другите, кардиналот Марио Греч, раководител на Секретаријатот на Синодата, и кардиналот Виктор Фернандез, префект на Дикастеријата за наука на верата. Папата веќе го прима втор пат кардиналот Фернандез. Како и обично, Ватикан не дава никакви информации за содржина на разговорите. Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, исто така го посети Папата во понеделник, беше примена и македонската државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска – Давкова.
Откако ја презеде службата, Папата веќе ги прими раководителите на девет од 16-те Дикастерии на Римската курија. Тука спаѓаат не само раководителите на најважните црковни власти, туку и клучните личности во ватиканската администрација и судството. Лав XIV разговарал и со надбискупот Џордано Пичиноти, раководител на Ватиканската управа за имот (APSA), и со Венерандо Марано, претседател на Ватиканскиот суд. Друга важна аудиенција е со сестра Рафаела Петрини, управителка на државата Ватикан.
Однос со Универзалната црква
Покрај внатрешната консолидација на Куријата, папата Лав XIV интензивно се посвети и на односите со универзалната Црква и меѓународната политика. На глобално црковно ниво, тој веќе ги прими претседателите на Латиноамериканскиот бискупски совет CELAM и раководителите на Комисијата за бискупи на ЕУ COMECE. Претседателот на Италијанската бискупска конференција, раководителот на „Опус Деи“ и генералниот приор на августинскиот ред беа исто така присутни на аудиенција. Овие состаноци му даваат можност на Папата директно да се запознае за предизвиците и случувањата во различните региони и црковни движења.
Средбите со шефовите на држави и претставници на влади се исто така од особено дипломатско значење. Папата Лав XIV веќе ги прими претседателите на Украина, Перу, Грузија, Македонија и Колумбија. Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, исто така, беше на аудиенција кај Папата. Во Ватикан дојдоа и шефовите на владите на Австралија, Бугарија и Етиопија. Овие рани дипломатски контакти ја сигнализираат континуираната улога на Светиот Престол како глобален актер на политичката сцена и нејзината подготвеност да се вклучи во дијалог со светските лидери.
Ватикан њуз/к.мк