Папата Лав XIV до сите парохии: „Учествувајте во Светската мисионерска недела“

Папата Лав XIV до сите парохии: „Учествувајте во Светската мисионерска недела“

Во видео-порака, папата Лав XIV ги повикува сите католички парохии да се вклучат во Светската мисионерска недела, која ќе се одбележи во недела, на 19 октомври 2025. Тој потсетува дека дарежливоста на овој ден конкретно го овозможува и одржува доброто дело на мисионерите ширум светот, како што лично искусил додека служел во Перу.

„Ја повикувам секоја католичка парохија во светот да учествува во Светската мисионерска недела“, истакна папата Лав XIV во својата видео-порака по повод Светската мисионерска недела.

Светската мисионерска недела секоја година се одбележува во претпоследната недела од октомври. Оваа година ќе се одбележи на 19 октомври, на тема: „Мисионери на надежта меѓу народите“.

Видеото започнува со потсетување од Светиот Отец дека секоја година, на Светската мисионерска недела, целата Црква се обединува во молитва, особено за мисионерите и за плодноста на нивните апостолски подвизи.

„Кога служев како мисионерски свештеник и епископ во Перу“, објасни папата Лав, „од прва рака видов како верата, молитвата и великодушноста што се изразуваат за време на Светската мисионерска недела можат да преобразат цели заедници.“

Папата им упати конкретен повик до сите католички парохии:

„Ги повикувам сите католички парохии во светот да учествуваат во Светската мисионерска недела“, рече папата Лав, додавајќи: „Вашите молитви и вашата поддршка ќе помогнат во ширењето на Евангелието, ќе овозможат пасторални и катехетски програми, ќе придонесат за изградбата на нови цркви и ќе се погрижат за здравствените и образовните потреби на нашите браќа и сестри во мисионерските подрачја.“

„На овој 19 октомври, додека размислуваме за нашиот повик преку Крштението да бидеме мисионери на надежта меѓу народите“, охрабри Папата, „да се посветиме повторно на слатката и радосна задача да го донесеме Христос Исус, нашата надеж, до краиштата на земјата.“

Светиот Отец заврши со благодарност до сите парохии ширум светот за нивната посветеност и труд во поддршката на мисионерите, поделувајќи го својот апостолски благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот