Папата Лав XIV до министрантите: Литургијата не е „должност“; вашата служба нека ја покаже својата убавина

Папата Лав XIV до министрантите: Литургијата не е „должност“; вашата служба нека ја покаже својата убавина

Во пораката до група млади француски министранти кои се на ходочестие во Рим, папата Лав XIV ја повтори важноста на Евхаристијата како место за средба со љубовта Христова, која се дава себеси без ништо да бара за возврат. Недостатокот на свештеници е „катастрофа“ за Црквата.

Се надевам дека ќе бидете внимателни на повикот што Исус може да ви го упати да го следите одблизу во свештенството и малку по малку, недела по недела, дека ќе ја откриете убавината, радоста и потребата од таков повик – рече папата Лав XIV, зборувајќи на француски јазик, обраќајќи се на група млади момчиња, министранти од Франција, кои се на ходочестие во Рим, со кои се сретна денес, 25 август 2025 година, во Апостолската палата. Во својот говор, во кој ја нагласи важноста на Евхаристијата како место на средба со Христовата љубов, тој зборуваше за тоа колку е чудесен животот на еден свештеник кој, секој свој ден, преку Литургијата, се среќава со Исус на толку посебен начин и го дава на светот.

Ќе ви кажам нешто што мора да го слушнете, иако можеби малку ќе ве вознемири: недостигот од свештеници во Франција и во светот е голема несреќа за Црквата!

Само Исус нè спасува

Осврнувајќи се на сè посериозните и вознемирувачки предизвици со кои се соочува светот денес, како што се страдањето, болеста, попреченоста, неуспехот или загубата на близок, Папата истакна дека може да се појават прашања: „Кој ќе ни дојде на помош? Кој ќе ни се смилува? Кој ќе дојде да нè спаси? … не само од нашето страдање, нашите ограничувања и нашите грешки, туку и од самата смрт?“

Одговорот е совршено јасен и одекнува низ историјата две илјади години – рече Папата – само Исус доаѓа да нè спаси, никој друг: затоа што само Тој има моќ да го стори тоа – Тој самиот е Семоќниот Бог – и затоа што нè сака. Тој го даде својот живот за нас, нудејќи го на крстот. Навистина, нема поголема љубов од тоа да се даде својот живот за некого кого го сакаме – додаде Светиот Отец, опишувајќи ја смртта и воскресението Христово како нешто најпрекрасно во нашата католичка вера и најважниот настан во историјата на светот. Бог, создателот на небото и земјата, сакаше да страда и да умре за нас созданијата. Бог нè сакаше до смрт! За да го направи ова, Тој слезе од небото, се понизи и стана човек – рече Светиот Отец, додавајќи:

Зошто да се плашиме од Бога кој толку многу нè сака? На што повеќе можеме да се надеваме? Зошто чекаме да му возвратиме како што заслужува? Славно воскреснатиот, Исус е жив со Отецот, сега се грижи за нас и ни го дава енговиот нераспадлив живот.

Евхаристијата го спасува светот денес

Местото каде што можеме да ја доживееме оваа Христова љубов е Евхаристијата, „ризницата на Црквата, ризницата на богатствата“ – нагласи папата Лав XIV и објасни :Од недела до недела и од колено до колено, Црквата внимателно го чува споменот на смртта и воскресението Господово. Славењето на Литургијата нè спасува денес! Го спасува светот денес! – нагласи тој – токму затоа што во неа, Исус сè уште го дава својот живот на олтарот, сè уште ја пролева својата крв за нас денес.

Тоа е најважниот настан во животот на христијанинот и во животот на Црквата, бидејќи е средба во која Бог ни се дарува од љубов, одново и одново. Христијанинот не оди на Литургија од должност, туку затоа што апсолутно му е потребна; потреба за живот со Бога кој се дарува себеси без да бара ништо за возврат!

Ставете го Исус во центарот на вашиот живот

Потоа, цитирајќи ги зборовите на Свети Петар од Делата Апостолски, кој вели дека нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое може да се спасиме, Папата ги предупреди министрантите никогаш да не ги заборават овие зборови. Прифатете ги во вашите срца и ставете го Исус во центарот на вашите животи, рече тој, поттикнувајќи ги да се вратат во Франција поодлучни од кога било да го сакаат и да го следат, а со тоа и подобро вооружени со надеж дека, во тешки моменти на сомнеж, обесхрабрување и бура, ќе биде како сигурно сидро, фрлено кон небото, кое – како што рече – ќе ви овозможи да продолжите по вашиот пат. Всушност, папата Лав XIV им се заблагодари на министрантите за нивната служба, ги охрабри да истраат и секогаш да ја имаат на ум величината и светоста на она што се слави.

Како може некој да не почувствува радост во срцето во присуството на Исус? Но, Литургијата, во исто време, е сериозен, свечен момент, исполнет со сериозност. Нека вашето држење на телото, вашата тишина, достоинството на вашата служба, убавината на Литургијата, редот и величината на вашите гестови ги запознаат верниците со светата величина на Светата Тајна.

Исус сака да биде твој најдобар пријател.

Папата, исто така, ги охрабри министрантие да не ја пропуштат можноста да разговараат со Исус во своите срца и да го сакаат сè повеќе и повеќе додека се во Рим за време на Светата Година. Тој ни помага да се „преобратиме“, односно да се свртиме кон него, да растеме во верата и неговата љубов, за да станеме подобри ученици – објасни тој, додавајќи: Единствената желба на Христос е да биде дел од вашиот живот за да може да го осветли одвнатре, за да може да стане ваш најдобар пријател, ваш најверен пријател. Со Исус, животот станува прекрасен и радосен. Сепак – објасни тој – Христос го чека вашиот одговор, тропа на вратата и чека да влезе.

Да се биде „блиску“ до Исус, со него, Синот Божји, да се влезе во Неговото пријателство! Каква неочекувана судбина! Каква радост! Каква утеха! Каква надеж за иднината!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот