Папата Лав XIV до Латвијците: Доверете му се на Бога во конфликтот што го доживува вашиот регион
Поздравувајќи ги ходочесниците од Латвија, Папата изрази радост од растечките врски на земјата со Светиот Престол. Тој го спомена апостолското патување на папата Фрањо во 2018 година за одбележување на стогодишнината од независноста на Латвија и ја цитираше писателката Зента Маурина, која рече дека корените на нацијата се „во небото“.
Актуелниот конфликт на прагот на Латвија враќа спомени од турбулентното минато на земјата. Во вакви предизвикувачки времиња, важно е да се свртиме кон Бога, да бидеме охрабрени од благодатта што доаѓа од небото, каде што се потопени корените на нацијата. Охрабрувањето на папата Лав XIV беше упатено до латвиските ходочесници кои ги прими во Ватикан во понеделник, 24 ноември 2025 година. Меѓу повеќе од 200 поклоници беше и латвиската премиерка Евика Силина, која Папата исто така ја прими на посебна аудиенција.
Сто години од првото ходочестие
Папата истакна дека нивното пристигнување во Рим се совпаѓа со стогодишнината од првото латвиско официјално ходочестие во италијанската престолнина.
Убаво е да се види дека ја одржувате жива таа традиција на ходочестие и ги следите стапките на вашите предци во верата.
Надеж меѓу предизвиците и неизвесноста
Рим отсекогаш бил дом на сите христијани и место каде што големите апостоли станале маченици на христијанската вера, давајќи го највисокото сведоштво за евангелието.
Се молам да црпите вдахновение од нив и од други места на светци во Рим. Сите тие покажаа дека надежта не разочарува, и покрај неизвесноста на нивните ситуации и предизвиците со кои се соочувале.
Свртување кон Бога во неволји
Токму неизвесностите и комплицираните околности ја обележаа историјата на земјата, рече папата Лав XIV. Ова го спомена и неговиот претходник, папата Фрањо, кога ја посети Латвија во 2018 година, на стогодишнината од нејзината независност.
Иако сегашниот конфликт во вашиот регион може да разбуди спомени од тие турбулентни времиња, важно е сите да се свртиме кон Бога и да дозволиме Божјата благодат да нè зајакне кога се соочуваме со слични тешкотии.
Корени „на небото“
Централната тема на Јубилејот, надежта, не ги дава сите одговори, туку е охрабрување да се верува во Бога и поверно да се наследува Христос. Не е случајно, како што потсети папата Фрањо во својот говор во Претседателската палата во Рига, што христијанската вера одиграла фундаментална улога во историјата на земјата. Во овој поглед, папата Бергољо го цитираше локалната писателка Зента Маурина, кој напиша дека корените на Латвија „се наоѓаат во небото“.
Затоа сум благодарен што врските меѓу Латвија и Светиот Престол стануваат сè посилни во последниве години.
Прифатете ги Божјите благослови
Папата Лав XIV нагласи дека крепоста надеж е длабоко поврзана со крпеоста вера, за да можеме да го насочиме погледот кон сегашноста и да го прифатиме Божјиот благослов тука и сега.
Тишина и молитва
Во оваа смисла, ходочестието игра суштинска улога во животот на верата, бидејќи нуди време и простор за подлабока средба со Бога, оддалечувајќи нè од рутината и бучавата на секојдневниот живот, нудејќи ни тишина за да можеме појасно да го чуеме Божјиот глас.
Затоа, ве охрабрувам да ја искористите оваа можност да се помолите и да се отворите за Божјата благодат, за да може да ви ја зајакне верата и да ви го даде мирот што светот не може да го даде.
Патот продолжува
Ходочестието стигнува и во татковината во која се враќате. Всушност, неговото семе мора да се вкорени и да вроди со плод во вашиот секојдневен живот – заклучи Папата, додавајќи:
На овој начин, Црквата во Латвија сигурно ќе продолжи да биде извор на радост и надеж за сите луѓе.
Ватикан њуз/к.мк

