Папата Лав XIV: Во Марија повторно да го откриеме патот до мирот

Папата Лав XIV: Во Марија повторно да го откриеме патот до мирот

Папата Лав XIV испрати порака до учесниците на средбата „Марија, пат на дијалог и мир за Медитеранот“, организирана од Папската меѓународна маријанска академија и Редот на малите браќа, која се одржува во Перуџа и Асизи. Светиот Отец истакна дека Пресвета Дева Марија може да ни помогне повторно да ги откриеме темелите на дијалогот и заеднички да работиме за мир.

Гледајќи кон Дева Марија, „жена на верата и послушноста кон Бога“, повторно да го откриеме во неа „примерот на слушање и прифаќање, столбови на секој автентичен дијалог и предуслов за заедничко одење кон мир заснован на братството“.

Оваа надеж папата Лав XIV ја изрази во порака потпишана од државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин, а упатена во среда, 28 отомври 2026 година, до учесниците на средбата организирана од Папската меѓународна маријанска академија и Редот на малите браќа, во соработка со Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог и Дикастеријата за промовирање на христијанското единство.

Средбата е насловена „Марија, пат на дијалог и мир за Медитеранот“.

Вклучени маријански светилишта од целиот свет

Настанот започна на 27 октомври, а ќе заврши во четврток, 29 октомври, во Перуџа и Асизи, каде што претходниот ден заврши молитвената средба по повод 40-годишнината од „Духот на Асизи“.

Меѓу организаторите се и Медитеранскиот центар „Оикос“ и Мрежата на медитерански теолози, со поддршка на „Федерформационе“.

Во иницијативата се вклучени и дванаесет маријански светилишта од различни делови на светот, меѓу кои Нотр Дам де Санта Круз во Оран, Алжир, Нотр Дам де ла Гард во Марсеј, Франција, Базиликата на Благовештението во Назарет и светилиштето Богородица од Либан во Хариса.

Марија како „референтна точка“

„Веруваме“, објаснија организаторите, „дека Марија од Назарет може да биде референтна точка за различни култури и религии, овозможувајќи им заедно да размислуваат и да дејствуваат за мир, почнувајќи од еден толку значаен простор каков што е Медитеранот.“

„Постои итна потреба да се запрат војните, да се залечат раните, да се постигне помирување и да се промовираат дијалогот, мирот и грижата едни за други.“

Марија, истакнаа организаторите, може да помогне во овој процес, така што различните културни и религиски идентитети ќе можат да откријат заеднички елементи што придонесуваат за личен и заеднички раст во дух ослободен од соперништво и насилство.

На тој начин се поттикнуваат соработката и учеството, а посебно место им се дава и на жените кои, преку своето делување, ги поврзуваат процесите на мир, дијалог и прифаќање.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот