Папата Лав XIV во понеделник наутро, 11 мај 2026 година, во Ватикан го прими премиерот на Република Судан, Камил Ел-Таеб Идрис Абделхафиз.
По аудиенцијата кај Папата, суданскиот премиер оствари средби во Државниот секретаријат со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, и со заменик-секретарот за односи со државите и меѓународните организации, монсињор Михаита Блај.
Како што соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол, разговорите во Државниот секретаријат поминале во срдечна атмосфера и ги потврдиле добрите односи меѓу Светиот Престол и Судан.
Во соопштението се наведува дека дискусиите биле насочени кон значајниот придонес на локалната Црква за доброто на земјата, како и кон тешката криза што го погодува Судан, кој е зафатен од војна во изминатите три години.
Во тој контекст, беше повторена итната потреба од постигнување прекин на огнот, обезбедување хуманитарна помош за населението и започнување искрен дијалог меѓу сите страни во суданското општество, со цел конфликтот да заврши и да се воспостави траен мир.
Ватикан њуз/к.мк

