Папата Лав XIV го посвети Уругвај на Пресвета Богородица

Папата Лав XIV го посвети Уругвај на Пресвета Богородица

На последниот ден од своето апостолско патување во Уругвај, папата Лав XIV служеше Света Литургија во Националното светилиште на Пресвета Богородица од Триесет и Тројцата и ја обнови посветеноста на земјата на Марија, повикувајќи ги верниците да го следат нејзиниот пример на вера и верност кон Христос.

Во својата проповед Папата изрази радост што како поклоник се наоѓа во светилиштето каде генерации Уругвајци ја изразувале својата доверба и љубов кон Богородица.

Осврнувајќи се на библиските читања за Јудита и Дева Марија, Светиот Отец потсети дека историјата на Уругвај од своите почетоци е тесно поврзана со Марија. Во 1825 година, за време на борбата за независност, пред нејзиниот лик била доверена иднината на земјата.

„Од најраните денови на основањето на нацијата, Уругвај е тесно поврзан со Мајката“, истакна папата Лав.

Посебно внимание посвети на улогата на жените во пренесувањето на верата. Тој се заблагодари на мајките, бабите, кумите, богопосветените сестри и катехистките кои со молитва, пример и секојдневен живот ја пренесувале верата од генерација на генерација.

„Можеби не се сеќаваме на секој збор што ни го кажаа, но се сеќаваме како се молеа, како зборуваа за Господ и со каква убеденост го живееја она што нè учеа“, рече Папата.

На мајките и бабите чии деца или внуци се оддалечиле од Црквата им порача да не се обесхрабруваат.

„Никогаш не се заморувајте да ја пренесувате верата. Проповедајте со вашиот живот, како и со вашите зборови“, нагласи тој.

Папата се обрати и до татковците и дедовците, повикувајќи ги по примерот на Свети Јосиф да покажат дека верата има вистинско место во семејниот живот.

На крајот ги охрабри верниците активно да им се приближуваат на оние кои се оддалечиле од верата.

„Мора повторно да влезете во домовите на луѓето, да им се приближите, да ги слушнете нивните прашања и да ги доведете до Христос“, рече тој.

Папата Лав XIV потоа повторно го посвети Уругвај на Пресвета Богородица, доверувајќи ги земјата и нејзиниот народ под нејзина заштита и молејќи таа да ги води кон Христос.

Како знак на почит и синовска љубов, Светиот Отец ѝ подари Златна роза на Богородица од Триесет и Тројцата.

Ватикан њуз/к.мкм

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот