Папата Лав XIV предупреди дека „ужасот“ од современото научно вооружување може да ги доведе завојуваните страни до „варварство многу полошо од она во минатото“. Тој ги потсети светските лидери дека „војната секогаш е пораз“ и дека „со мир ништо не се губи, а со војна сè може да се загуби“.
За време на Генералната аудиенција во среда 18 јуни 2025 година, на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав се осврна на воените зони во Украина, Иран, Израел и Газа. Срцето на Црквата, рече тој, е „распарчено од криците“ што доаѓаат оттаму.
Лав предупредува на ново варварство
„Не смееме да се навикнеме на војна!“, потенцираше Светиот Отец. „Напротив, мора да ја отфрлиме привлечноста на моќното и софистицирано оружје како искушение. Бидејќи во денешната војна се користат сите видови научно оружје, нејзината суровост се заканува да ги доведе завојуваните страни до варварство многу поголемо отколку во претходните времиња“, рече Лав XIV, осврнувајќи се на денешното високотехнолошко војување.
Со војната сè е изгубено Потоа Папата им се обрати директно на шефовите на државите, следејќи ги повиците на неговите претходници за мир: „Во име на човечкото достоинство и меѓународното право, затоа им го повторувам на оние на власт она што папата Фрањо го велеше: Војната е секогаш пораз! И со Пиј XII: Ништо не е изгубено со мирот, но сè може да се изгуби со војната.“ Овој цитат е од радио обраќањето што Пиј XII им го упати на владетелите на 24 август 1939 година, во пресрет на Втора светска војна.
Ватикан њуз/к.мк