Папата Лав XIV го отвори Генералното собрание на Редот на Свети Августин

Папата Лав XIV го отвори Генералното собрание на Редот на Свети Августин

Папата Лав XIV во понеделник 1  септември 2025 година го отвори Генералното собрание на Редот на Свети Августин, предводејќи ја светата Литургија во базиликата „Свети Августин“ во Рим.

„Никој нека не мисли дека ги има сите одговори. Секој нека го сподели она што го носи со отворено срце. Секој нека го прифати со вера она што Господ го вдахнува. Критериумот за оценување на вашите постапки нека биде она што обединува.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на повеќе од сто августински монаси, на 1 септември, во базиликата „Свети Августин“ во Кампо Марцио во Рим, кога је предводеше светата Литургија по повод почетокот на 188. Генерално собрание на Редот. Многумина од присутните ќе ги претставуваат 2.341 августинијанци, кои живеат во 395 манастири на пет континенти, и до 18 септември ќе учествуваат во работата на ова собрание во Папскиот патристички институт „Августинјанум“. На евхаристиското славење присуствуваа и бројни монахињи и лаици од августинското семејство.

Слушање на Бога и на другите

Пред проповедта, Светиот Отец го повика Светиот Дух да ја просветли работата на Генералното собрание, при изборот на новиот 98. Генерален приор на Редот. Тој замоли за дарот на слушање, понизност и промовирање на единството – во редот, во Црквата и во светот.

Папата нагласи дека Светиот Дух говори и денес, како и во минатото – во длабочините на срцето, преку браќата и преку околностите на животот. Затоа ги охрабри августинците:

„Атмосферата на вашето собрание треба да биде атмосфера на слушање – слушање на Бога и слушање на ближниот.“

Комуникација и разбирање во понизност

Во својата проповед, Папата се повика на зборовите на Свети Августин од 269-та проповед, каде што тој вели дека заедницата на верниците зборува на сите јазици. „Сите јазици се наши, зашто сме членови на Телото кое зборува.“

Августинците собрани на Генералното собрание се исто така членови на Телото Христово кое говори на сите јазици – ако не на сите постојни, тогаш барем на оние што Бог ги знае како потребни за доброто кое им е доверено во Неговата промисла.

„Живејте ги овие денови во искрена посветеност на комуникација и разбирање, одговарајќи великодушно на големиот и единствен дар на светлина и благодат, кој небесниот Отец ви го дава за доброто на сите. Сето ова правете го со понизност,“ истакна Папата.

Бидете мали и прифатете го Божјото вдахновение

Петровиот наследник потсети дека низ историјата Светиот Дух дејствувал на безброј начини, а тоа е повик да станеме мали пред слободата и таинството на Божјото дејствување:

„Никој нека не мисли дека ги има сите одговори. Нека секој го сподели она што го има со отворено срце. Нека секој го прифати со вера она што Господ го вдахнува.“

Папата додаде: „Бог е над нас. Како што вели пророкот Исаија: Како што се небесата повисоки од земјата, така Моите патишта се повисоки од вашите, и Моите мисли – од вашите мисли. Само така Светиот Дух ќе нè научи и ќе нè потсети на Исусовите зборови.“

Единството како критериум

Папата Лав XIV потсети и на значењето на единството и љубовта, цитирајќи го апостол Павле: Пројавата на Духот му е дадена на секого за корист; како што телото е едно и има многу членови, а сите членови, иако се многубројни, се едно тело – таков е и Христос.

„Нека единството биде ваша главна цел и, уште повеќе, критериум за оценување на вашите постапки и дела. Она што обединува доаѓа од Христос, а не она што разделува,“ нагласи Папата.

Поздрав од Генералниот приор

На крајот од светата Литургија, Генералниот приор на Редот, отец Алехандро Морал, го поздрави Светиот Отец, истакнувајќи дека неговото присуство е скапоцен дар и знак на заедништво и братство.

Тој потсети на речиси осумвековната историја на Редот, кој останува верен и достапен во служба на Црквата и Папата. Затоа, августинците ја обновија својата верност пред Светиот Отец, уверени дека само во заедништво со Петар можат целосно да го живеат евангелскиот повик.

Отец Морал замоли за дар на заедништво и мир, „за да станеме едно во Оној Кој е Еден – In Illo uno unum“, сведочејќи за братството и синодалноста во свет ранет од поделби.

Генералниот приор исто така го повтори охрабрувањето на папата Лав XIV – да не се подлегнува на логиката на насилството и војната, туку да се чува во срцата пламенот на љубовта што овозможува универзално братство. Тоа е охрабрување кое ги прави августинците семе на мир, надеж и грижа за создадениот свет.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот