Папата Лав XIV го предводеше Крстниот пат на Велики Петок, носејќи го Крстот во текот на целиот обред во Колосеумот во Рим.
Папата Лав XIV стана вториот Папа што го носел Крстот во текот на целиот Крстен пат на Велики Петок во римскиот Колосеум.
Заедно со околу 30.000 верници и со безброј луѓе ширум светот што го следеа преку социјалните мрежи, телевизија и радио, Папата го предводеше Крстниот пат низ осветлените со свеќи урнатини на древното римско здание, кое било сведок на мачеништвото на многу рани христијани.
Започнат од царот Веспазијан, а довршен во 80 година по Христа од царот Тит, овој најголем древен елипсовиден амфитеатар подоцна бил посветен како католичка црква.
Секоја година Папата и верниците од Рим се собираат во Колосеумот за духовно да го минат патот низ четиринаесетте постојки од Крстниот пат, кои нè потсетуваат на Исусовата смрт и погребение.
Папата Лав XIV ги следеше стапките на светиот папа Иван Павле II, кој го носеше Крстот во текот на целиот Крстен пат од 1980 до 1994 година.
Додека папата Лав го носеше Крстот, беа читани делови од Евангелието, како и кратки извадоци од делата на свети Фрањо и медитации напишани од фрањевецот отец Франческо Патон, поранешен Кустос на Светата Земја.
Во своите медитации, отец Патон го изложува примерот на свети Фрањо за тоа како христијаните можат да ги воплотат богословските добродетели, верата, надежта и љубовта, во вистинскиот свет.
Тој нè води по изворниот Исусов пат низ тесните улици на Ерусалим, сè до Голгота, каде што Христос бил распнат и погребан.
„Како и во времето на Исус“, вели тој, „се наоѓаме како одиме низ хаотична, расејувачка и бучна средина, опкружени со луѓе што ја делат нашата вера во Него, а истовремено и со оние што Му се потсмеваат или Го навредуваат.“
„Крстниот пат не е наменет за оние што водат совршено побожен или апстрактно контемплативен живот“, вели отец Патон. „Тој е, напротив, вежба на оној што знае дека верата, надежта и љубовта мора да се воплотат во реалниот свет.“
На секоја постојка отец Патон ја разобличува човечката самоувереност во моќта и искушението таа да се злоупотреби.
Во Крстот ја гледаме откриена нашата одбивност кон понизноста и нашата желба да бараме слава наместо понизност.
Исус паѓа трипати, а отец Патон нè потсетува дека треба да имаме доверба во Него, Кој нè воздигнува кон Отецот преку привидната немоќ на љубовта.
Тој укажува дека авторитарните режими, рамнодушните медиуми и нашата сопствена морбидна љубопитност ги разголуваат другите, а со тоа го понижуваат и нашето сопствено човечко достоинство.
Марија е сведок на смртта на својот Син, при пто отец Патон потсетува дека жените отсекогаш останувале покрај оние што страдаат, и дека токму нашите солзи нè учат да останеме луѓе.
Сепак, забележува тој, во Својата смрт Исус се враќа кај Отецот и нè води со Себе, доверувајќи ни го посланието да ја навестуваме Неговата победа над вечната смрт.
На крајот од Крстниот пат, папата Лав XIV се помоли христијаните да одговорат на повикот на свети Фрањо „да го живеат својот живот како пат на сè подлабоко учество во заедништвото на љубовта“.
Ватикан њуз/к.мк

