Во пресрет на беатификацијата на надбискупот Фултон Шин, папата Лав XIV изрази надеж дека примерот на новиот американски блажен ќе вдахнови нови и креативни начини за ширење на Евангелието со радост и ентузијазам.
За време на генералната аудиенција во среда, 23 септември 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“, Папата потсети на претстојната беатификација и го посочи надбискупот Шин како пример за сите што се посветени на евангелизацијата.
„Утре во Сент Луис, Мисури, преподобниот Фултон Шин ќе биде беатифициран“, рече Папата.
„Примерот и застапништвото на овој свет епископ, познат по својата евангелизаторска работа преку медиумите,нека вдахноват и многу други да пронајдат нови начини за ширење на евангелската порака со радосен ентузијазам“, додаде папата Лав XIV.
Светата Литургија за беатификација ќе се служи во четврток попладне, 24 септември 2026 година, во „The Dome at America’s Center“ во Сент Луис, а ќе ја предводи кардиналот Луис Антонио Тагле, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација.
Според Епархијата Норвич, организаторите очекуваат речиси 45.000 ходоесници од 48 американски сојузни држави и дванаесет земји, како и повеќе од 80 епископи и стотици свештеници.
Апостол на Евангелието преку медиумите
Фултон Шин е роден во 1895 година, а со текот на времето стана едно од најпознатите католички лица во американската јавност.
Особено голема популарност стекна преку својата телевизиска програма Животот вреди да се живее, која се емитуваше од 1952 до 1957 година и привлекуваше милиони гледачи.
Надбискупот Шин студирал во Вашингтон и на Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија. Во 1953 година ја доби наградата „Еми“ за најистакната телевизиска личност. Во 1966 година, папата Павле VI го именува за епископ на Рочестер во сојузната држава Њујорк. Три години подоцна се повлече од раководењето со епархијата, но продолжи со својата јавна и евангелизаторска служба сè до неговата смрт во декември 1979 година.
Со своите проповеди, радио и телевизиски настапи, Фултон Шин остави силен белег врз католичката евангелизација во XX век, особено покажувајќи како современите средства за комуникација можат да бидат ставени во служба на навестувањето на Евангелието.

