Папата Лав XIV се моли за десетиците луѓе што загинаа во неодамнешниот земјотрес на Филипините и ги поздрави новите блажени во Црквата.
Силен земјотрес со магнитуда од 7,8 го погоди крајбрежјето на Филипините на 8 јуни, предизвикувајќи предупредувања за цунами во неколку земји.
Говорејќи по молитвата Ангел Господов во недела, 14 јуни 2026 година, папата Лав XIV изрази жалење за 37-те лица што загинаа во земјотресот и неговите последици.
Папата ги повика сите да се молат за жртвите и за нивните семејства.
„Ја изразувам мојата близина со народот на Филипините, кој пред неколку дена беше погоден од силен земјотрес“, рече тој. „Се молам за починатите и за нивните семејства, за повредените и за сите што страдаат поради оваа катастрофа.“
Нови блажени во Црквата
Папата Лав се осврна и на беатификациите на неколку нови блажени од различни делови на светот.
Тој ги спомна епархиските свештеници отец Венцеслао Дрбола и отец Џовани Була од Моравија, како и отец Џовани Швјерц и осум негови придружници, полски салезијански свештеници.
„Сите беа беатификувани како маченици, бидејќи беа жртви на прогон од тоталитарните режими поради нивната верност кон Христос“, рече Папата.
Потоа папата Лав го спомена и блажениот Назарено Ланчоти, италијански мисионерски свештеник, кој беше беатификуван во Мато Гросо, Бразил, во сабота. Папата истакна дека тој ги бранел најсиромашните и најранливите.
„Нека примерот и застапништвото на овие храбри сведоци ја поткрепат мисијата на свештениците и на целата Црква“, рече папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

