Папата Лав XIV служеше света Литургија за упокоените кардинали и епископи кои починаа во текот на изминатата година. Во својата проповед ги повика верниците без страв да размислуваат за таинството на смртта, потсетувајќи дека молитвата за починатите е славење на животот.
„Спомнете ме на олтарот Господов, каде и да сте.“ Со овие зборови на Света Моника, упатени до нејзините синови Августин и Навигиј непосредно пред нејзината смрт, папата Лав XIV го насочи своето размислување за духовната вредност на сеќавањето и молитвата за починатите.
Во четврток, 5 ноември 2026 година, Светиот Отец ја предводеше светата Литургија во базиликата „Свети Петар“ за упокоените кардинали и епископи кои починаа во текот на изминатата година. Станува збор за седум кардинали и 136 епископи, починати од октомври 2025 година до крајот на октомври оваа година.
Папата потсети дека молитвата за починатите уште од најраните времиња е една од основните должности на Црквата.
Надежта во воскресението
Светиот Отец издвои две вистини што ја осветлуваат молитвата за починатите. Првата е надежта во воскресението.
Нашето молитвено сеќавање на починатите пред Господовиот олтар, истакна Папата, се темели на ветувањето дека нашиот живот во Христос не е изгубен, затоа што е откупен.
Потсетувајќи на Втората книга Макавејска, папата Лав посочи дека молитвата за починатите произлегува од верата во воскресението и од надежта што ни е дарувана преку Христовата Пасхална тајна.
Како што нагласува Светото писмо, верата во воскресението му ја дава смислата и на нашето молитвено застапништво за оние кои заминале пред нас.
Да се молиме за починатите значи да го славиме животот
„Да се молиме за покој на починатите значи да го славиме животот“, нагласи папата Лав XIV. Тоа најнапред значи да го славиме воскреснатиот живот на Христос, а потоа и нашиот живот, кој по Неговата благодат воскреснува во Него.
Светиот Отец ги повика верниците споменот на починатите да не го сведуваат само на носталгија и жал за минатото. „Со вера да размислуваме за таинството на смртта без страв, затоа што Господ е жив, нè очекува и веќе ни подготвил место во домот на својот Отец“, порача Папата.
Заедништвото на светците
Втората вистина на која се задржа папата Лав е заедништвото на светците.
Кога се молиме за починатите, објасни тој, се молиме за нив, но истовремено и со нив, соединети во заедништвото што Светиот Дух го оживува во Црквата.
Заедништвото што сме го живееле едни со други на земјата, со сите негови ограничувања и несовршености, продолжува кога е доверено во Божјите раце.
„Во Христос смртта не ги раскинува нашите врски. Таа ги преобразува во нова димензија, која може да се разбере само во таинството на Неговата љубов, дарувана до крај на крстот и излеана по Неговата пасхална победа“, истакна Светиот Отец.
Папата ги охрабри верниците да го чуваат и негуваат ова заедништво во текот на целиот живот, сè додека и самите не стигнат до радоста на небесната татковина.
Во прегратката на милосрдниот Отец
На светата Литургија присуствуваа повеќе кардинали и епископи, меѓу кои кардиналите Луис Антонио Гоким Тагле и Леонардо Сандри.
Првото читање беше од Втората книга Макавејска (12,43-46), а потоа беше испеан Псалм 142 со повикот „Господи, услиши ја мојата молитва“. Второто читање беше од Првото послание на Свети Иван (3,14-16).
Евангелието беше од Иван (12,23-28), со Христовите зборови за пченичното зрно кое, паѓајќи во земјата и умирајќи, донесува многу плод.
Во молитвата на верните посебно се молеше за оние на кои им се доверени граѓански и општествени одговорности, за да работат за правда и мир во корист на целото човечко семејство.
Беше упатена и молитва за сите починати, за милосрдниот Отец да ги прими во Својата татковска прегратка.
Ватикан њуз/к.мк

