Папата Лав XIV во посета на Ватиканскиот радиопреносен центар во Санта Марија ди Галерија

По повод годишнината од неговото свештеничко ракополагање, папата Лав XIV го посети центарот за пренос на кратки бранови на Ватиканското радио во Света Марија ди Галерија, изразувајќи благодарност за службата која, со верност и постојаност, продолжува да допира до краишта каде што ретко кој радиодифузер може да стигне – дури и на празник како денешниот.
Во четврток наутро, 19 јуни 2025 година, папата Лав XIV ја посети Света Марија ди Галерија – екстратериторијална зона на Ватикан, чиј правен статус е уреден со Латеранските договори склучени со Италија – каде што е сместен предавателскиот центар за кратки бранови на Ватиканското радио, дел од Дикастеријата за комуникации. Посетата се совпадна со 43-годишнината од неговото свештеничко ракополагање, повод по кој Светиот Отец имаше скромна средба со персоналот.
Преку објава на Телеграм, Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги информираше медиумите дека Папата се сретнал со вработените во Центарот, при што лично ја разгледал салата со предавателите – проектирана од познатиот архитект Пјер Луиџи Нерви – и ја посетил контролната просторија за пренос на кратки бранови.
Овој радио центар е основан од папата Пиј XII во 1957 година, а последната папска посета пред оваа била во 1991 година, од страна на светиот папа Иван Павле II.
Како што се наведува во соопштението на Канцеларијата за печат, папата Лав се интересирал за функционирањето на антените, за текот на емитувањата и за новиот дигитален систем за справување со катастрофи.
Папата нагласил дека, за време на неговото мисионерско служење во Латинска Америка и Африка, било од непроценливо значење да може да ги слуша преносите на кратки бранови од Ватиканското радио – кои стигнуваат дури и до најоддалечените места каде што малку радиодифузери имаат пристап. Тој ја потврдил мисионерската важност на радиото како средство за евангелизација и заедништво.
По завршувањето на посетата, папата Лав XIV им го подели својот апостолски благослов на сите присутни и ја искажа својата благодарност за нивната работа, извршувана „со верност и постојаност, дури и на ден како денешниот – празникот Тело Христово“.
Во завршниот дел од посетата, Папата се запознал и со екстратериторијалниот статус на областа, кој потекнува од договорите со италијанската влада од 1951 година. Во оваа зона, во согласност со мотото Fratello Sole („Брат Сонце“), се разгледува проект за поставување агроволтаичен систем кој би обезбедил електрична енергија не само за радиостаницата, туку и целосна енергетска самоодржливост за државата Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк