Папата Лав XIV во пасторална посета на римска парохија во Остија

Папата Лав XIV во пасторална посета на римска парохија во Остија

Парохијата „Света Марија Царица на мирот“ во Остија Лидо, во југозападниот дел на Рим, ќе биде првата што ќе биде пасторално посетена од папата Лав XIV. Овој настан претставува особено значаен момент за локалната католичка заедница. Посетата е предвидена за недела, 15 февруари.

Парохијата, доверена на Палотинските отци (Друштвото на католичкиот апостолат), се наоѓа на плоштадот „Света Марија Царица на мирот“ во Остија Лидо, голема населба покрај морето, во југозападниот дел на градот. Папата Лав XIV ќе пристигне во 16:00 часот. Својата посета ќе ја започне со средба со околу 400 деца и млади од катехетската програма, кои ќе го пречекаат во дворот зад црквата. Потоа ќе се сретне со уште околу 400 членови на парохиската заедница собрани во салата на парохијата, меѓу кои ќе бидат присутни постари лица, болни, сиромашни и волонтери од „Каритас“, локалната црковна добротворна организација.

Римскиот викаријат ги соопшти деталите за посетата, нагласувајќи најглавниот момент е во 17:00 часот, кога Светиот Отец ќе ја предводи светата Литургија. Со него ќе сослужуваат кардиналот викар Балдо Реина, бискупот Ренато Тарантели Бакари, одговорен за Јужниот сектор и вицерегент на Римската бискупија, како и парохот отец Џовани Винченцо Патане. Ќе присуствуваат и повеќе свештеници од Остија, капеланот на италијанската Финансиска гарда, како и други свештени лица од околината. По евхаристиското славење, Папата ќе оствари средба со парохискиот пасторален совет, а потоа ќе ги поздрави верниците собрани надвор од храмот, кои ќе ја следат светата Литургија преку голем екран поставен за таа пригода.

Отец Патане во соопштението на Викаријатот ја истакна симболичната важност за изборот на оваа парохија за првата пасторална посета. Таа е посветена на Марија, Царица на Мирот, наслов што длабоко се усогласува со акцентот што папата Лав XIV го става на „невооружен и разоружувачки мир“ уште од почетокот на својот понтификат. Парохот ја нагласи и особената духовна традиција на Остија: иако е дел од Римската бискупија, ова подрачје има свој заштитник, свети Августин, кој има посебно значење за папата Лав, бидејќи и самиот припаѓа на августинскиот ред.

Најавата за посетата на Папата предизвика големо воодушевување и исчекување меѓу верниците. За да се обезбеди правичност, билетите за присуство беа распределени по пат на ждрепка. Парохијаните ја доживуваат оваа посета не само како голема чест, туку и како можност за духовна обнова и подготовка. Со доза на хумор, отец Патане истакна дека посетата дала и добар повод за уредување и подобрување на просториите.

Пред сè, заедницата ја гледа оваа посета како израз на пасторална близина. „Тој е Папа“, вели отец Патане, „но за нас тој пред сè е нашиот епископ, пастирот што доаѓа да ја посети својата Црква.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот