Папата Лав: Црквата во Амазонија треба да биде знак на единство во разновидноста

Папата Лав: Црквата во Амазонија треба да биде знак на единство во разновидноста

Папата Лав XIV ја охрабрува Црквата во Амазонскиот регион да продолжи по патот на инкултурацијата на Евангелието.

Папата Лав XIV во вторник испрати видео-порака до 6. Собрание на црковната конференција на Амазонија (CEAMA), кое се одржува во Богота, Колумбија.

Тој им заблагодари на епископите, свештенството, посветените лица и верниците-лаици што учествуваат во ова „привилегирано време на слушање на Светиот Дух, за да се распознае патот на заедниците вкоренети во тој регион“.

Потсетувајќи на материјалните и духовните тешкотии што ги поднесуваат луѓето во Амазонија, Папата ја изрази својата близина со сите оние што Црквата ги придружува.

Тој го охрабри црковното собрание во неговата мисија да формулира Синодални пасторални насоки што ќе им помогнат на локалните Цркви да одат напред.

Папата Лав се повика на сликата на дрвото шихуахуако (Dipteryx micrantha), кое расте многу бавно, но достигнува десетици метри височина, може да живее повеќе од илјада години и создава цел еко-систем за животинскиот свет.

„Тоа може да ни помогне да разбереме“, рече тој, „што Црквата сака да биде: знак на единство во разновидноста и сигурно прибежиште што раѓа и штити живот“.

Папата ја повика Црквата во Амазонија да ја држи својата вера вкоренета во Христос и во Неговата љубов, која верниците треба често да ја контемплираат во молитва.

„Сегашниот контекст бара соодветен одговор на многуте социјални, еколошки, културни и црковни предизвици што и натаму постојат во Амазонија, загрозена од злоупотреби и експлоатација“, рече тој.

Среде тие предизвици, Црквата треба да ја навестува керигмата и новиот живот во Христос, придружувајќи ги оние што страдаат, настојувајќи да го заштити созданието и да го почитува животот во сите негови облици, особено човечкиот живот.

Папата ја истакна важноста Евангелието да се инкултурира во локалните култури, за таинството на Христос да се пројави и да се слави пополно.

„Инкултурацијата е тежок, но неопходен пат“, рече тој. „Треба храбро да ја прифатиме новината на Духот, Кој секогаш е способен да создаде нешто ново од неисцрпното богатство на Исус Христос“, додаде, цитирајќи од Querida Amazonia.

На крајот, папата Лав XIV ги повика католиците во Амазонскиот регион да го зацврстат својот идентитет како мисионерски ученици на Христос.

„Продолжете да сеете во браздата што е напоена и со крвта на толку мажи и жени кои оделе пред вас и кои, соединети со Христовите страдања, станаа корен на едно ‘џиновско дрво’ што расте во Амазонија.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот