Папата Лав XIV изрази сочувство до семејствата на жртвите од експлозијата на цистерна со гориво во египетскиот главен град Каиро и ги довери загинатите на Божјото милосрдие.
Папата Лав XIV во петок, 27 ноември 2026 година, изрази сочувство до сите погодени од сообраќајната несреќа во која учествувала цистерна што превезувала гориво.
Во телеграмата потпишана од државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, Папата ги довери „душите на починатите на бескрајното милосрдие на Семоќниот Бог“ и се помоли за брзо закрепнување на повредените.
Тој ги увери сите погодени од трагедијата во својата духовна близина и ги моли за нив „Божјите благослови на сила и утеха“.
Египетското јавно обвинителство соопшти дека во средата вечерта автомобил удрил во задниот дел на цистерната со гориво на обиколницата околу градот, по што таа се превртела и се запалила. Осомничено лице е уапсено.
Коптскиот католички патријарх Ибрахим Исак Седрак изрази сочувство до семејствата на жртвите и се помоли Бог да им дарува трпение и надеж.
Коптската православна црква, предводена од папата Тавадрос II, исто така се помоли за повредените.
Големиот имам на Ал-Азхар, Ахмед Ал-Тајеб, Го замоли Бога да им дарува утеха на семејствата и да ги заштити спасувачките екипи.
Повик за поголема безбедност во сообраќајот
Египетското Министерство за здравство соопшти дека 31 лице загинало, а 26 биле повредени во пожарот што избувнал во средата вечерта на обиколницата во областа Варак во Гиза.
Портпарол на Министерството во четвртокот доцна вечерта соопшти дека седум пациенти биле отпуштени од болница. Деветнаесет лица останале на болничко лекување, од кои пет на интензивна нега.
Експлозијата се случи помалку од три недели по железничка несреќа во која загинаа седум лица. Во четвртокот египетски пратеници побараа поголема одговорност, по повеќегодишните државни инвестиции во автопати, мостови и железничка инфраструктура.
Според официјалната египетска статистичка агенција, во 2025 година во сообраќајни несреќи загинале 5.829 лица, што претставува зголемување од 10,8 отсто во споредба со претходната година.
Ватикан њуз/к.мк

